Вистинска драма се одвива во Атина само неколку дена пред почетокот на големото финале на грчкото кошаркарско првенство меѓу Панатинаикос и Олимпијакос.

Според грчките медиуми, првиот човек на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, ненајавено се појавил на тренингот на екипата и одржал жесток состанок со играчите и стручниот штаб. Причината е јасна – разочарувањето по неуспешната сезона во Евролигата и стравот дека тимот не покажува доволно реакција пред најважните натпревари во годината.

Контроверзниот газда на „зелените“ наводно бил бесен поради односот на дел од играчите по елиминацијата од европската сцена, сметајќи дека во соблекувалната владее опуштеност и недостаток на карактер. Пораката што ја испратил била директна и недвосмислена – грчката титула мора да заврши во витрините на Панатинаикос.

Дополнителна болка за клубот претставува фактот што не успеа да стигне до Фајналфор турнирот кој се одржа токму во Атина, додека најголемиот ривал Олимпијакос подоцна ја освои европската круна. Тоа сценарио беше тежок удар за навивачите, но и за раководството на клубот.

Нервозата дополнително се зголеми и по настапите во плејофот. Иако Панатинаикос без проблеми го мина четвртфиналето, во полуфиналната серија против ПАОК се соочи со неочекувани проблеми, а еден натпревар беше решен дури по продолженија.

Сега целиот фокус е насочен кон финалната пресметка со Олимпијакос, која стартува во денеска (20 часот) во Пиреја. Притисокот врз тренерот Ергин Атаман и неговите избраници е огромен, а пораката од Јанакопулос е повеќе од јасна – сè освен шампионска титула ќе се смета за неуспех.

 

ИЗДВОЕНИ