Многу брзо, по само четири натпревари, навивачите, но и дел од спортската јавност во нашата земја, почнаа да се прашуваат дали Фудбалската федерација на Македонија донесе исправна одлука со именувањето на Гоце Седлоски за селектор на националниот тим.
По тешкиот пораз од Данска, во полуфиналниот бараж дуел за пласман на СП 2026, и двете ремија без погодок против Ирска и БиХ, репрезентацијата на Македонија со убедливи 4:0 го загуби пријателскиот дуел против селекцијата на Турција.
Домаќинот сосема заслужено дојде до посакуваниот триумф со погодоците на Кокчу, Узун, Гул и Јилмаз, а нашиот тим и на четвртиот натпревар под водство на Седлоски, не постигна гол.
За жал, со неуспехот во Истанбул е продолжена и серијата од осум натпревари без победа, но тоа не е ништо ново за „црвено-жолтите“, кои знаеја во минатото да бидат без победа на 18 натпревари по ред, на девет и на осум…
Затоа, далеку позагрижувачи е фактот за голгетерскиот пост, кој може да трае нешто повеќе од девет месеци бидејќи следниот натпревар, нашиот национален тим ќе го одигра во Лигата на нации, на 26 септември, против селекцијата на Швајцарија.
Претходно, нашата репрезентација беше во серија од 13 натпревари со најмалку еден постигнат погодок, низа која почна на 7 септември 2024 година против Фарски Острови (1:1), а заврши точно една година подоцна против Лихтенштајн (5:0).
И додека поголемиот дел од навивачите, тие што коментираат на социјалните мрежи, бараат отказ за Седлоски, предводникот на нашиот национален тим, по дуелот во Турција, изјави дека ја презема вината за убедливиот пораз.
– Му честитам на противникот за заслужената победа. Турција е одлична селекција со голем број квалитетни фудбалери. Поразот е моја одговорност, бидејќи јас ги носам одлуките и го составувам тимот. На сите играчи им дадов можност да настапат и од ваквите средби мора да извлечеме поуки. Свесни сме дека веќе четири натпревари не сме постигнале гол и работиме на подобрување на тој сегмент. Игравме против исклучително силни противници и секоја наша грешка беше казнета. Токму затоа мора внимателно да анализираме што не беше добро и да не дозволиме да ни се повторуваат истите пропусти. Создаваме нов тим и за дел од фудбалерите ова е ново искуство. Очекувам сите што ќе добијат повик во репрезентацијата да го дадат својот максимум и да ја оправдаат довербата. Имам јасна слика за секој играч, а во периодот што следува ќе работиме на корекција на недостатоците и подготовка за предизвиците што нè очекуваат, изјави Седлоски.
Седлоски добро знаеше дека ќе добие врел костен во раката со одлуката да биде наследник на Боби Милевски, но се надеваме дека трофејниот стручњак е свесен дека веќе нема мали и големи репрезентации, дека Македонија ќе добие сериозни противници во квалификацискиот циклус за ЕП 2028 година, а во Лигата на нации нема да игра против Малта, Луксембург, Ерменија, Лихтенштајн, туку против репрезентации кои ќе играат на СП 2026, Швајцарија и Шкотска, како и против Словенија.












