Според професорката на Архитектонскиот факултет, Дивна Пенчиќ, со право се стравува од одлуката само „нека се гради”, без да се има увид во тоа што ќе се предизвика и кои ќе бидат последиците.
– Веќе пет години се чека сообраќајната студија за да се постават решенијата за новиот Генерален урбанистички план (ГУП) на Скопје и, секако, неговата изработка, со кои требаше да се ревидира сообраќајното решение на Скопје, кое, патем, е одамна застарено и несоодветно на денешната состојба и современите сознанија и решенија за градска сообраќајна инфраструктура – вели Пенчиќ
Најавените градежни работи за изградба на влезовите и излезите од подземната сообраќајница што е пробиена низ „Лимак“, ќе го задушат градот за наредните од две до пет години, а нема да реши ништо.
Според професорката на Архитектонскиот факултет, Дивна Пенчиќ, со право се стравува од одлуката само „нека се гради”, без да се има увид во тоа што ќе се предизвика и кои ќе бидат последиците.
– Веќе пет години се чека сообраќајната студија за да се постават решенијата за новиот Генерален урбанистички план (ГУП) на Скопје и, секако, неговата изработка, со кои требаше да се ревидира сообраќајното решение на Скопје, кое, патем, е одамна застарено и несоодветно на денешната состојба и современите сознанија и решенија за градска сообраќајна инфраструктура – вели Пенчиќ.
Таа додава дека, за жал, тапкаме во 20 век со сообраќајни решенија од 1950-тите години , кои, како што вели, масовно се напуштаат денес во сите градови во светот, па дури и во САД.
– Веќе 50 години се отфрла моделот на брзи сообраќајници, особено низ центарот на градовите, а ние допрва ќе зборуваме за тоа – нагласува Пенчиќ.
За неа е апсурдно градењето на пристапите и на големите кружни текови во услови кога не е исчистена трасата на Јужниот булевар откај Карпош и откај Кисела Вода.
– Ќе се изградат, ќе се наруши цел сообраќај и град, а нема каде да се помине. Ќе затне сѐ живо. И тоа не е сѐ. Решението што ќе се реализира воопшто нема услови за квалитетен пешачки сообраќај, а околните згради остануваат без соодветен пристап. За да поминат 1.000 автомобили или колку и да им е пресметката, ќе се загрозат 700.000 жители! Не знам зошто воопшто има смисла ова градење – смета Пенчиќ.
Инаку, на почетокот од јули, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека многу наскоро ќе започнат градежните активности за поврзување на подземната сообраќајница под „Лимак“ со булеварот „Македонија“, како и изградбата на кружни текови на нејзините влез и излез.
– Започнуваме со втората фаза, односно со изградба на тунелите за поврзување со подземната сообраќајница под „Лимак“, во насока од Центар кон Кисела Вода – истакна тој.
Од Град Скопје наведоа дека пуштањето во употреба на подземниот булевар „Македонија“ под „Лимак“ е еден од приоритетите на Ѓорѓиевски и претставува капитален проект од исклучително значење за Скопје.
– Станува збор за инвестиција што ќе донесе вистински пресврт во централното градско подрачје, ќе придонесе за значително растоварување на сообраќајниот метеж и ќе овозможи побрзо, побезбедно и пофункционално движење низ центарот на градот – нагласија градските власти.
Првата фаза од овој проект е комплетирана, а опфати проширување, адаптирање и подготовка на улиците што ќе ја примат очекуваната зголемена фреквенција на сообраќај кон подземната сообраќајница.
– Со забрзано темпо, оваа пролет се работеше на булеварот „Борис Трајковски“, кај Рампа, на улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и на булеварот „Македонија“, кој се поврзува со следните фази од оваа траса – истакнаа градските власти, нагласувајќи дека со реализацијата на овој проект, Скопје добива современо сообраќајно решение што ќе ја подобри мобилноста, ќе го намали притисокот врз централните улици и се овозможи подобра поврзаност.
(А. П.)












