Екстремните горештини земаат данок, надлежните со препораки за заштита од високите температури

Жештините не попуштаат, а Македонија влезе во период на екстремно високи температури, кои на места ќе надминуваат и 40 степени. Последиците веќе се чувствуваат и на терен – од Итната медицинска помош велат дека дневно примаат повеќе од 200 повици, а се зголемил и бројот на интервенции поради колапси, топлотни удари и влошена здравствена состојба кај граѓаните. Надлежните предупредуваат дека во овој период сонцето може сериозно да го загрози здравјето, па апелираат граѓаните да бидат особено внимателни. Институтот за јавно здравје и Управата за хидрометеоролошки работи излегоа со низа препораки – од тоа кога да не се излегува надвор до тоа како да се препознаат првите знаци на топлотен удар и кога веднаш да се побара лекарска помош. Особена претпазливост се препорачува за постарите лица, децата, бремените жени, хронично болните и за сите што работат или подолго престојуваат на отворено.

– Дневно, просечно има меѓу три и пет интервенции на Итната медицинска помош поврзани со колапси, но во одредени денови бројот е поголем. Има повеќе повици од граѓани со симптоми како лошење, гадење, прегревање на телото и топлотен удар, а многу често успеваме да помогнеме и со совети – вели во изјава за МИА Даниел Георгиевски од Итната медицинска помош.

Тој предупредува дека високите температури особено влијаат врз хронично болните лица, кај кои може да дојде до влошување на кардиолошката состојба, појава на срцеви и на мозочни удари, како и до промени во крвниот притисок.

Од Итната медицинска помош препорачуваат избегнување директно изложување на сонце во периодот од 11:00 до 17:00 часот, внесување доволно течности, пред сè вода, избегнување алкохол и носење лесна облека и заштита за главата при излегување. Граѓаните што по подолг престој на сонце ќе почувствуваат вртоглавица, гадење или слабост, треба веднаш да се засолнат во разладена просторија и да внесат повеќе течности. Георгиевски советува и внесување полесна храна, редовно земање терапија кај хронично болните, мерење на крвниот притисок, а кај дијабетичарите и редовна контрола на нивото на шеќер во крвта.

Слични се и препораките од Институтот за јавно здравје, од каде што, поради најавените високи температури до 7 август, апелираа граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран, особено во периодот од 11:00 до 17:00 часот, кога е најголем ризикот од изложеност на сонце.

– Кога се приближува амбиенталниот воздух или ја надминува нормалната телесна температура од приближно 36,7 Целзиусови степени, способноста на човековото тело да се лади слабее. Дополнително, кога е висока релативната влажност на амбиенталниот воздух, уште потешко е да испари потта и следствено и ладењето на телото се отежнува. Кога станува телото премногу жешко или има проблеми да ја балансира температурата, може да дојде до чувство на слабост, сува уста, вртоглавица, гадење, прекумерно потење, сува кожа, грчеви. При влошување на т.н. сончаница, може да се појават и следниве симптоми и знаци: престанување на потењето, екстремно топла кожа, конфузија – зашеметеност, забрзана срцева фреквенција, отежнато дишење, несвестица, сѐ до смртен исход – посочуваат од ИЈЗ.

Од Институтот потсетуваат на препораките за заштита од топлото време

– Избегнувајте директно изложување на сонце и активности на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Носете светла и лесна облека, а на директно сонце – заштитни очила и светлобојна капа со висок свод и широк обод. Останете во затворени и климатизирани простории. При неопходен престој на отворен простор во овој период, најдете можност за почести одмори под сенка и избегнувајте директен престој на сонце. Затворете ги прозорците и ролетните во текот на денот, а отворете ги навечер, кога е пониска температурата. Внесувајте умерена количина храна. Избегнувајте мрсна и висококалорична храна, како и храна што содржи голема количина шеќер. Внесувајте доволно течности во текот на целиот ден, без да чекате да почувствувате жед. Најдобар избор е водата, а може да се консумираат и минерални безалкохолни пијалаци. Избегнувајте алкохолни пијалаци, пијалаци што содржат кофеин и многу ладни пијалаци – советуваат од ИЈЗ.

Доколку лицето е во паркирано возило, се советува да го отвори прозорецот со цел да се овозможи вентилација.

– Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото. Туширајте се со млака вода по потреба. За дополнително разладување, ставајте ладни облоги или потопете ги стапалата во ладна вода. Потребно е лицата со хронични болести, особено оние со болести на кардиоваскуларниот систем, со невролошки и со белодробни болести, да бидат особено дисциплинирани во однос на овие препораки и да ја земаат својата редовна терапија. За сите промени во здравствената состојба, задолжително да го консултираат својот матичен лекар – потсетуваат од ИЈЗ.

Во препораките од ИЈЗ се вели дека доколку некој чувствува зашеметеност, слабост, вознемиреност или има интензивна жед и главоболка, треба да побара помош, да се пресели во постудено место колку што е можно побрзо и да ја измери својата телесна температура.

– Консумирајте вода или негазиран минерален пијалак за да се рехидрирате. Ако имате болен мускулен грч, најчесто во нозете, рацете и во стомакот, веднаш одморете се на студено место и консумирајте течност што содржи електролити. Лекарска помош е потребна ако топлотните грчеви траат подолго од еден час. Ако некој член од вашето семејство или лице на кое помагате има топла и сува кожа, грчеви и (или) е во бессознание, веднаш повикајте 194 или 112. Додека се чека Итната медицинска помош, префрлете го на студено место, ставете го во хоризонтална положба и подигнете му ги нозете над 20 сантиметри висина – додаваат оттаму.

Претходно, УХМР издаде метео предупредување за топлотен бран на територијата на Македонија, од каде што посочија дека ќе се задржат високите температури и во текот на ноќните часови.

Според најавите на УХМР, топлотниот бран ќе продолжи и во следните неколку дена, при што на одредени места температурите ќе надминат 40 степени. Од утре, четврток, па сè до крајот на неделата, во попладневните часови ќе има услови за развој на локална нестабилна облачност, со можност за краткотраен пороен дожд и грмежи.

И оттаму апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките: да избегнуваат директна изложеност на сонце во најтоплиот период од денот, особено од 10:00 до 17:00 часот, да пијат доволно течности, најдобро вода, дури и кога не чувствуваат жед, да носат лесна, широка и светла облека, како и капа или шешир при престој на отворено и слично. Особено внимателни треба да бидат ранливите групи на население: лицата постари од 60 години, бремените жени, децата, социјално ранливите, работниците на отворено, како и луѓето со хронични заболувања. (В. С. Н.)

 

ИЗДВОЕНИ