Патување низ мирисите, боите и традицијата на Анадолија

Весникот ВЕЧЕР ве води во Испарта, град што се открива полека, низ мирисите, пејзажите и живите традиции. Од полињата со рози што се будат со изгрејсонцето до тивките езера што ја огледуваат Анадолија, секој момент носи своја приказна. Во него се испреплетуваат природата, занаетите и современиот живот, создавајќи уникатна хармонија меѓу старото и новото. Патувањето открива и места на културата, индустријата и секојдневието, каде што розата е симбол што го поврзува целиот регион. На крајот, Испарта останува повеќе чувство отколку дестинација – доживување што не избледува со времето

Живописното фестивалско дефиле по улиците на Испарта ги претвора розите во уметност, традиција и радост, славејќи го најпрепознатливиот симбол на градот
Живописното фестивалско дефиле по улиците на Испарта ги претвора розите во уметност, традиција и радост, славејќи го најпрепознатливиот симбол на градот

Испарта е град што не се открива одеднаш, туку постепено, слој по слој, како приказна што се чита со трпение и внимание. На прв поглед освојува со мирисот на розите и со смирената убавина на пејзажите, но зад таа прва слика се крие многу поширок свет, исполнет со езера, планини, традиции и со луѓе што ја чуваат душата на овој крај. Токму затоа за Испарта не може да се зборува брзо, ниту површно – таа бара време, набљудување и чувство.

Испарта е еден од најживописните градови во југозападна Турција, сместен во таканаречениот регион на езерата и на околу 130 километри северно од Анталија. Градот се наоѓа на надморска височина од околу 1.035 метри и е административен центар на истоимената провинција. Денес има население од приближно 250.000 жители и е познат како Градот на Розите.

Најпрепознатлив белег на Испарта е производството на дамаскански ружи и на ружино масло, кое се користи во светската парфимериска индустрија. Секоја пролет, од мај до јуни, околните полиња се претвораат во градини со рози чиј мирис се чувствува низ целиот регион. Благодарение на оваа традиција, Испарта е еден од најголемите центри за производство на ружино масло во светот.

Покрај по розите, градот е познат и по производството на јаболка, цреши, грозје и по традиционалните рачно ткаени теписи. Земјоделството и преработувачката индустрија претставуваат важен дел од локалната економија.

Градот има богата историја, која се протега од античките времиња. Низ вековите била под власт на Лидијците, Персијците, Римјаните, Византијците, Селџуците и на Османлиите и секоја цивилизација оставила свој печат врз неговото културно наследство. Денес може да се видат остатоци од средновековна тврдина, историски џамии и други споменици, кои сведочат за неговото минато.

Природните убавини се уште една голема предност на Испарта. Во близина се наоѓаат познатите езера Егирдир, Ковада и Гелџук, како и планината Давраз, која во зимските месеци е популарен скијачки центар. Регионот нуди можности за пешачење, планинарење, велосипедизам, риболов и за водни спортови, што го прави привлечна дестинација во текот на целата година.

Значајна улога во образовниот и во културниот живот на градот има Универзитетот „Сулејман Демирел“, кој привлекува студенти од различни делови на Турција и од странство. Универзитетот го носи името на Сулејман Демирел, кој е роден во регионот Испарта и е еден од најзначајните турски политичари на 20 век, извршувајќи ја функцијата претседател на Турција, деветти по ред. Тој бил и повеќекратен премиер на земјата, оставајќи силен печат врз нејзиниот политички и економски развој.

Универзитетот „Сулејман Демирел“ е основан во 1992 година, во период кога Демирел сè уште активно учествувал во политичкиот живот, а идејата за негово отворање била дел од пошироката визија за развој на високото образование во регионот Испарта. Денес, Универзитетот претставува еден од клучните образовни и истражувачки центри во југозападна Турција, придонесувајќи за развојот на науката, културата и на локалната економија.

 

Мирис на рози што плени

Кога пристигнавме, Испарта живееше во знакот на розата. Уште пред изгрејсонце, полињата околу градот се исполнија со берачи, посетители и со фотографи, кои сакаа да го доживеат магичниот момент кога се собираат цветовите, додека се свежи и натопени со утринска роса. Бербата почнува многу рано, пред изгрејсонце, кога се цветовите најсвежи, а мирисот најинтензивен. Берачите се движат низ редовите со кошници полни со ружини пупки, зашто овде природата има свое темпо. Ако задоцните, сцената веќе се менува: кога ќе се свртите назад, веќе се отвориле нови пупки и никој нема да ви верува дека биле собрани истиот ден. Токму таа брзина на цветање создава чувство дека полето постојано одново „оживува“.

Бескрајните полиња со дамасценска роза во околината на Испарта секоја пролет се претвораат во тепих од ружи, од кој започнува приказната за прочуеното ружино масло
Бескрајните полиња со дамасценска роза во околината на Испарта секоја пролет се претвораат во тепих од ружи, од кој започнува приказната за прочуеното ружино масло

Нашата посета беше околу пладне. Иако бербата веќе беше завршена, плантажата сè уште дишеше со полн интензитет – розите беа целосно расцветани, тивки и достоинствени под сонцето. Мирисот беше силен, сладок и речиси опоен, исполнувајќи го просторот како невидлива магла од цветови.

Во срцето на насадите со рози, посетителите одблизу ја доживуваат убавината на дамасценската роза
Во срцето на насадите со рози, посетителите одблизу ја доживуваат убавината на дамасценската роза

Фестивалот на розите, кој секоја година привлекува илјадници гости од Турција и од странство, и годинава понуди вистинска празнична атмосфера. Насекаде се чувствуваше препознатливиот мирис на дамасценската ружа – симбол на регионот и главна суровина за прочуеното ружино масло по кое е позната Испарта во целиот свет. Вистински спектакл приреди живописното фестивалско дефиле, кое помина низ центарот на Испарта. Улиците беа исполнети со учесници во шарени народни носии, музичари и со украсени платформи преполни со ружини цветови. За нас, ова беше можност одблизу да ги почувствуваме културата и традициите што се негуваат во регионот со генерации.

Посетителите имаа можност одблиску да го проследат традиционалниот процес на берба, но и да учествуваат во него. Насмевките, шарените народни носии и кошниците полни со ружини ливчиња создаваа сцени како од разгледница. Многумина ги искористија првите утрински часови за фотографии меѓу бескрајните ружини насади, додека сончевите зраци полека ги осветлуваа полињата.

Во центарот на градот се одржуваа културни и музички настани, изложби на локални производи и презентации на традиционални занаети. Особено внимание привлекоа производите направени од роза: парфеми, кремови, сапуни, слатки и разни сувенири што го носат препознатливиот мирис на овој крај.

Центарот на Испарта претворен во сцена исполнета со традиционални мотиви и празнична атмосфера што привлекува илјадници посетители
Центарот на Испарта претворен во сцена исполнета со традиционални мотиви и празнична атмосфера што привлекува илјадници посетители

Она што најмногу остава впечаток е спојот на природата и традицијата. За жителите на Испарта, розата не е само земјоделска култура туку и дел од нивниот идентитет и секојдневие. Токму затоа фестивалот не е само туристичка атракција туку и прослава на долгогодишната врска меѓу луѓето и земјата.

Годинашното издание уште еднаш потврди дека сезоната на розите е најубавото време за посета на Испарта. Мирисот што се шири од полињата, боите на илјадниците цветови и гостопримството на локалното население создаваат доживување што долго останува во сеќавање.

За оние што еднаш ќе ги видат полињата со ружи во полн цвет, Испарта останува место на кое секогаш вреди повторно да се вратат.

 

Од волнени нишки до ремек-дела

Најчесто се поврзува со розите и со нивниот препознатлив мирис, но градот крие уште едно богатство што сведочи за вековната традиција на овој дел од Турција. Сместен во срцето на градот, Музејот на теписите нуди патување низ историјата, уметноста и умешноста на генерации мајстори, кои создавале вистински ремек-дела од волнени нишки.

Секој конец раскажува приказна – рачно ткаење на автентични турски килими, зачувано низ генерациите
Секој конец раскажува приказна – рачно ткаење на автентични турски килими, зачувано низ генерациите

Влегувајќи во музејот, веднаш се соочивме со богатство од бои, орнаменти и мотиви. Секој тепих раскажува своја приказна: за местото од кое потекнува, за семејството што го ткаело и за симболите што се пренесувале од генерација на генерација. Во изложбените простории се претставени примероци од различни периоди и региони, кои ја покажуваат разновидноста на турската традиција на ткаење.

Особено внимание привлекуваат рачно изработените теписи со сложени геометриски и цветни мотиви. На прв поглед тие изгледаат како уметнички слики, но зад секој детаљ стојат часови, денови, па дури и месеци трпелива работа. Водичите објаснуваат дека многу од шарите имаат свое значење – едни симболизираат плодност, други семејна среќа, заштита или надеж.

Посетата на музејот не е само разгледување експонати. Дел од поставката овозможува посетителите да се запознаат со традиционалните техники на ткаење и со процесот на изработка на теписите, од подготовката на волната до последниот јазол. Токму тука најдобро се согледува колку труд, знаење и умешност се потребни за создавање на едно вакво дело.

Меѓу посетителите владееше особен интерес за старите примероци, кои успеале да ја зачуваат својата убавина и по повеќе децении. Нивните живи бои и прецизно изработени детали сведочат за високото ниво на занаетчиската вештина што се развивала во Анадолија со векови.

Она што најсилно се чувствува во музејот е почитта кон традицијата. Во време кога машинското производство станува доминантно, овие теписи потсетуваат на вредноста на рачната работа и на културното наследство што се чува преку занаетите.

По прошетката низ салите, посетителот не си заминува само со нови сознанија за теписите. Заминува со чувство дека допрел дел од историјата на регионот, испреплетена во илјадници јазли, бои и симболи. Музејот на теписите во Испарта е место каде што традицијата не е изложена зад стакло – таа продолжува да живее и да му ја раскажува својата приказна на секој што ќе го посети.

 

Слатка приказна

Производство на „rose lokum“ во Испарта
Производство на „rose lokum“ во Испарта 

Во град каде што воздухот речиси постојано мириса на рози, не е изненадување што токму тие завршуваат и во препознатливиот турски локум. Посетата на работилница за турски локум во Испарта отвора една поинаква, слатка перспектива на локалната традиција, каде што розата не е само симбол на полињата туку и состојка што се претвора во вкус.

Уште при влегувањето во работилницата, вниманието го привлекуваат мирисот на варен шеќер, скроб и суптилната нота на роза што се шири низ просторот. На масите се редат послужавници со готов локум во различни форми и бои, но најголемо внимание, сепак, привлекува оној со роза – нежнорозов, со кристали шеќер што светкаат на светлината.

Процесот на изработка изгледа едноставен само на прв поглед. Во големи садови се мешаат шеќер и скроб, а смесата се вари полека и постојано се меша додека не ја добие карактеристичната еластична текстура. Токму тогаш се додава екстрактот од роза, кој му го дава препознатливиот локален белег. Мирисот во тој момент се менува – од топла, слатка нота на варен шеќер во нежна цветна свежина што потсетува на утринските полиња надвор од градот.

Работниците со прецизни движења ја истураат смесата во калапи, а потоа, по ладењето, ја сечат на мали коцки, кои ги посипуваат со шеќер во прав. По истурањето во калапи и по оформувањето, врз сè уште меката смеса внимателно се распоредуваат исушени ливчиња од роза, непосредно пред сечењето, како финален декоративен и ароматичен потпис. Секое парче изгледа едноставно, но зад него стојат внимателно следен процес и долгогодишно искуство.

Посебниот „rose lokum“ од Испарта не е само благо туку и сувенир што ја носи приказната на регионот. Тој спојува две од најпрепознатливите локални вредности – розата и традицијата на турскиот локум – во еден залак што ја раскажува суштината на градот.

Ние, како посетители, со интерес ја следевме процедурата, а имавме и можност да дегустираме свежо подготвен локум, сè уште мек и топол. Во тие моменти станува јасно дека ова не е само производствен процес туку и дел од културно наследство што се пренесува со генерации.

Заминувањето од работилницата остава впечаток на едноставна, но длабока врска меѓу природата и занаетот. Испарта не само што одгледува рози туку и ги претвора во вкус, мирис и приказна што патува многу подалеку од нејзините полиња.

 

Меѓу традицијата и индустријата

Важноста на розата не завршува тука. Продолживме со посетата на фабриката за преработка на рози од Испарта – „Ѓулбирлик“. Оваа приказна почнува во полињата со рози, а завршува во прецизно контролираните линии на современото производство. Во „Ѓулбирлик“, дамасценската роза се претвора во светски познати козметички производи.

Современа дестилација, од занаетчиско наследство до модерно производство
Современа дестилација, од занаетчиско наследство до модерно производство

Современата фабрика изгледа уредно и технолошки напредно. Во големите хали, розите пристигнуваат веднаш по бербата и брзо се обработуваат за да се зачуваат нивната свежина и есенцијалното масло. Процесот е прецизен – од дестилацијата до добивањето ружина вода и масло, сè се одвива под строг надзор, со јасен фокус на квалитетот и на чистотата на производот. Линиите за козметика функционираат како добро усогласен систем, каде што секоја капка роза има своја намена.

Покрај модерниот дел, „Ѓулбирлик“ ја чува и својата историја. Во постарите објекти сè уште може да се видат традиционалните казани и алатки со кои порано се добивало ружино масло на поедноставен, начин, кој барал многу повеќе труд. Мирисот таму е поинтензивен, речиси густ и создава чувство дека забавува времето. Тие простории сведочат за почетоците на индустријата во Испарта, кога целиот процес бил целосно рачен и зависен од искуството на мајсторите.

Особено впечатлива е приказната за малите семејни производители во околните села. При една од посетите, селанец прикажа како сè уште произведува ружина вода на традиционален начин – во мали бакарни казани, поставени во дворот на куќата. Ружите се дестилираат веднаш по бербата, а пареата што се собира и се кондензира во вода ја носи чистата суштина на цветот. Овој процес е бавен и скромен, но резултатот е производ со исклучителна арома и автентичност.

Традиционални казани во старата фабрика
Традиционални казани во старата фабрика

Токму во овој контраст лежи суштината на Испарта: помеѓу индустриската прецизност на „Ѓулбирлик“ и тивката домашна работа на селските производители. Розата тука не е само суровина туку и мост меѓу модерното и традиционалното, меѓу глобалниот пазар и локалната приказна.

И на крајот, посетителот не си заминува само со впечаток за производството туку и со чувство дека ја видел целата биографија на еден цвет – од поле, преку казан, до шише ружина вода што патува низ светот.

 

Езерото Егирдир

Пловењето со брод по езерото Егирдир открива една поинаква, смирена страна на Испарта. Егирдир, кое е едно од најголемите слатководни езера во Турција, се протега меѓу планини и овоштарници, создавајќи пејзаж што плени.

Во текот на возењето, површината на водата изгледа речиси неподвижно, како огледало што ги рефлектира облаците и врвовите на околните планини. Малиот ветер повремено ја бранува тишината, носејќи чувство на целосен мир и оддалеченост од градската врева.

Бродската тура дава можност да се видат малите острови и крајбрежните села, каде што животот тече бавно и усогласено со природата. Тоа е искуство што не се темели на брзината или на адреналинот, туку на тивкото набљудување и на уживањето во пејзажот што го опкружува езерото.

Од Испарта си заминавме со мирисот на рози што уште се задржуваше на облеката и со тивко чувство дека не сме виделе сè, туку само сме ја допреле површината на нејзината приказна. Зад нас останаа езерата што мирно ја огледуваа светлината, планините што полека се губеа во портокаловите нијанси и улиците што, и по нашето заминување, продолжија да живеат во својот мирен ритам.

Со нас понесовме мали спомени: вкус на локум со роза, слики од бескрајните полиња и спокој што некако станал дел од нас. А во мислите остана едно едноставно сознание: приказната за Испарта не завршува со заминувањето и не се напушта целосно. Таа останува да живее во мислите, како тивок повик да се вратиш и одново да ја откриваш.

 

Виолета СТОИМЕНОВА-НАУМОСКА

ИЗДВОЕНИ