Авион на „Рајанер“ кој летал од Манчестер кон Даблин имал ризично слетување за време на невреме; снимка направена од патник покажува како врвот на крилото ја допира пистата. При контактот со земјата, авионот силно отскокнал и скршнал од правецот, но пилотите успеале да ја задржат контролата врз леталото.
Од „Рајанер“ потврдија дека летот FR5042 од Манчестер слетал во Даблин во услови на силен ветер. Во официјално соопштение, тие наведоа дека крилото на авионот дошло во контакт со пистата („мал удар на крилото“) и дека, по корекцијата, авионот успешно слетал при вториот обид.
На видеото се гледа како крилото на „Боинг 737“ се витка под налетите на ветерот пред врвот накратко да ја допре пистата. Патник по име Метју, кој го снимил инцидентот, го опишал искуството како „многу застрашувачко“, но ја пофалил реакцијата на пилотите.
„Пилотите завршија одлична работа. При слетувањето, авионот силно отскокна, потоа се крена и скршна надесно. Искрено, мислев дека со крилото е готово“, изјави тој.
Инцидентот се случи за време на бурата „Кетлин“, која ја зафати Ирска. Налетите на ветерот достигнаа брзина до 113 километри на час, што доведе до откажување или пренасочување на повеќе летови од аеродромот во Даблин кон други дестинации, пренесува „Индекс“.











