Поранешната Мис Швајцарија и манекенка Беатрис Кеул го обвини американскиот претседател Доналд Трамп за силување за време на инцидент во хотелот „Плаза“ во Њујорк во ноември 1993 година, се наведува во извештајот објавен во понеделникот од страна на демократите во Претставничкиот дом на САД. Кеул претходно, во октомври 2024 година, тврдеше дека Трамп несоодветно ја допирал за време на истиот инцидент, иако тогаш изјави дека нападот не отишол подалеку, пренесува „Телеграф“.
Во разговорите со претставници на еден одбор на демократите, таа сега тврди дека Трамп ја силувал, наведувајќи дека ѝ го скинал фустанот и ѝ нанел повреди, а потоа ѝ се заканил, велејќи ѝ дека мора да молчи.
Според нејзиниот исказ, Кеул го запознала Трамп кога имала 24 години, на прес-конференција за избор за убавина што се одржал во хотелот „Плаза“, кој во тоа време бил во негова сопственост.
Таа изјави дека Трамп ветил оти ќе ѝ помогне да добие виза и да се запише на Универзитетот во Њујорк. Понатаму тврди дека, по нивниот разговор, осудениот сексуален престапник Џефри Епстин ѝ пристапил и ја поканил на забава во резиденцијата на Трамп, „Мар-а-Лаго“. Белата куќа ги отфрли обвинувањата, опишувајќи ги како обид на демократите да го свртат вниманието од достигнувањата на администрацијата на Трамп.
Трамп претходно негираше какви било незаконски дејствија поврзани со Епстин, тврдејќи дека го прекинал пријателството со него многу пред да се појават сомневањата за криминалните активности на Епстин. Извештајот на демократите вклучува и сведоштва од уште четири жени кои го обвинуваат Трамп за силување или сексуален напад. Во него понатаму се наведува дека Трамп, Епстин и други наводно користеле избор за убавина во хотелот „Плаза“ за да идентификуваат ранливи млади жени и девојки.
Членот на одборот, Џејми Раскин, изјави дека пет жени директно го обвиниле Трамп за силување или сексуален напад во друштво или присуство на Епстин, додека други навеле дека Епстин или неговата соработничка, Гислејн Максвел, се обиделе да ги „предадат“ на Трамп. Раскин, исто така, го обвини Министерството за правда на САД за прикривање злосторства со цел да се заштити претседателот. Белата куќа ги отфрли наводите содржани во извештајот.












