Растот на цените на горивото ги погодува Американците речиси осум пати посилно отколку остатокот од светот.
Американските потрошувачи плаќаат повеќе за гориво отколку луѓето во другите делови на светот, поради прекините во снабдувањето предизвикани од војната против Иран. Според објавената студија, зголемувањето на цените е предизвикано од блокада и речиси целосно затворање на Ормускиот теснец, пренесува Ројтерс.
Истражувањето на финската непрофитна организација „Центар за истражување на енергијата и чистиот воздух“ (CREA) покажува дека, од почетокот на војната на 28 февруари, американските потрошувачи платиле во просек 471 долар повеќе за гориво. За споредба, просечниот дополнителен трошок за остатокот од светот изнесувал приближно 60 долари.
Од CREA објаснуваат дека Американците плаќаат повеќе бидејќи се потпираат на приватни возила кои се помалку енергетски ефикасни, патуваат на подолги растојанија и побавно преминуваат кон електрични автомобили. Организацијата се залага за напуштање на употребата на фосилни горива.
Во периодот од почетокот на март до средината на октомври, светот потрошил дополнителни 468 милијарди долари за гориво. Најголемиот дел од оваа сума – 160 милијарди долари – отпаѓа на Соединетите Држави. По нив следуваат Кина со 54 милијарди долари и Канада со 17 милијарди долари.
Студијата, во која беа анализирани цените и потрошувачката во 169 земји, покажа дека потрошувачите во Канада, Австралија, Нов Зеланд и Белгија, исто така, се соочиле со значително повисоки трошоци. Авторите дошле до овие пресметки споредувајќи ги цените на горивото од јануари и февруари со цените во текот на остатокот од годината.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп смета дека повисоките цени на горивото се прифатлив трошок за да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје. Исто така, се тврди дека цените на нафтата и горивото ќе паднат штом ќе заврши војната – војна која, сепак, трае подолго отколку што првично се очекуваше.












