Димиќ по три години, повторно во Драмскиот театар Скопје
По бројните изведби во САД, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и во дијаспората, пред македонската публика, на 12 јуни, во 20 часот ќе настапи холивудскиот актер со балканско потекло, Жељко Џек Димиќ, со својата монодрама „Ој, животе“, претстава која во изминатите години предизвика исклучителен интерес и силни емоции кај публиката низ регионот.
Монодрамата „Ој, животе“, создадена според култниот текст на актерот и публицист Јосип Пејаковиќ, е проект што Димиќ го адаптира, го режира и го изведува веќе неколку години. Претставата ја следи судбината на човек кој доброволно заминува на издржување затворска казна наместо својот помлад брат, а низ исклучително актерско мајсторство пред публиката оживуваат повеќе ликови, ситуации и животни судбини.
Критиката и публиката ја издвојуваат способноста на Димиќ во текот на целата изведба самостојно да создаде цел свет од различни карактери, водејќи ја публиката низ смеа, тага и длабока човечка емпатија. Претставата е мајсторски редок спој на хумор, емоција и животна вистина. Медиумите редовно нагласуваат дека токму спојот на комедија и силна животна драма ја прави оваа претстава исклучително блиска и препознатлива за посетителите од целиот Балкан.
Димиќ е актер со богата меѓународна кариера. Остварил преку 85 филмски, телевизиски и театарски улоги. Освен на англиски јазик, тој игра улоги на српски, руски, чешки и на италијански јазик. Џек Димиќ во Холивуд е познат по своите улоги во американски телевизиски и филмски продукции, меѓу кои се сериите: „Ред и закон“, „Место на злосторот“, „Црна листа“, „Замок“, „Сина крв“, како и во сериите што во последните години се снимаат во регионот ̶ „Државен службеник“, „Сенки над Балканот“, „Ургентен центар“, „Воена академија“, „Клан“, „Династија“, „Вера“ и многу други. Џек Димиќ го играл научникот Никола Тесла во филмот „Народот на Тесла“, кандидат за Оскар за долгометражен играно-документарен филм во 2020 година.
Во интервјуата што ги дава по повод најновите изведби, Димиќ истакнува дека и покрај долгогодишната кариера во Америка, со особена радост настапува на мајчиниот јазик и исклучително ја цени непосредната комуникација со публиката од регионот. Токму затоа, претставата „Ој, животе“ прерасна во негов најличен и најемотивен театарски проект. Димиќ нагласува дека: „‘Ој, животе’ не е само монодрама – тоа е приказна за жртвата, семејството, човечката добрина и силата на духот, раскажана од актер чија кариера ги поврзува Њујорк, Холивуд и Балканот“.
Гостувањето во Македонија претставува ретка можност љубителите на театарот да проследат актер кој успешно ги спојува холивудското искуство и балканската театарска традиција, носејќи на сцената претстава која веќе години наназад освојува публика на различни континенти. Гостувањето е овозможено во соработка со Амбасадата на Босна и Херцеговина и Драмскиот театар.












