четврток, јуни 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Блиски соседи, далечни позиции – Скопје и Софија во нова дипломатска рунда

Блиски соседи, далечни позиции – Скопје и Софија во нова дипломатска рунда

236

По културната, не помогна ниту женската дипломатија

Средбата на претседателките Гордана Сиљановска-Давкова и Илијана Јотова во Софија донесе нов бран различни толкувања за клучните спорни прашања меѓу Македонија и Бугарија. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека не станува збор за нови барања, туку за веќе познати и стари услови од 2022 година. Двете страни испратија различни пораки околу уставните измени, историската комисија и европскиот пат на земјата. Додека Скопје говори за дополнителни услови и блокади, Софија инсистира дека станува збор за европски критериуми. И покрај разликите, и двете држави формално остануваат на ставот дека дијалогот мора да продолжи

 

По средбата меѓу претседателките на Македонија и на Бугарија, Гордана Сиљановска-Давкова и Илијана Јотова, дипломатската сцена се вжешти со интензивни пораки од двете страни. Иако состанокот формално беше насочен кон смирување на односите и отворање нови канали за дијалог, зад затворени врати и во јавните изјави се чувствува зголемена политичка напнатост околу клучните историски и европски прашања. Наместо приближување, разликите повторно излегуваат на површина, отворајќи ново поглавје во веќе чувствителните македонско-бугарски односи. Македонските власти оценија дека покрај уставните измени постојат и дополнителни услови поврзани со историската комисија и билатералните протоколи, додека бугарската страна останува на ставот дека се работи за европски критериуми кои земјава треба да ги исполни. И покрај разликите, од двете страни беше нагласена потребата од продолжување на дијалогот. Премиерот Христијан Мицкоски, порача дека не станува збор за нови барања, туку за обврски познати уште од 2022 година, но биле потребни три години да ги слушне цела Европа и светот, како и граѓаните кои биле жртви на манипулативната политика на поединци.

– Ова не се нови барања, ова се истите барања. Да бидам попрецизен, работата на историската комисија не е формална, таа е суштинска. За нив, работата на историската комисија е суштинска. Немаме исто гледање на идентитетските прашања. За нас, Гоце Делчев е идентитетот македонски, за нив не е, за нив е дел од бугарскиот идентитет. За нас, Илинденското востание е дел од македонскиот идентитет, за нив не е. Тоа е Преображенско востание. Тоа се суштински прашања коишто, за жал, се присутни уште од 2022 година. Не се нови барања, изјави Мицкоски.

Премиерот рече дека останува оптимист и посочи дека она што тој го разговарал на средбата со германскиот  канцелар Фридрих Мерц и со францускиот претседател Емануел Макрон е сосема различно од тоа што е разговарано на состанокот помеѓу претседателките Сиљановска Давкова и Јотова во Софија.

– Македонските граѓани мора да знаат дека барањата не се само промена на Уставот и дел од бугарската заедница во преамбулата. Не. Тоа е само почетокот. Само ја отвораме Пандорината кутија. Следува акцискиот план, следува работата на историската комисија, следи Протоколот 2, каде работата на историската комисија е само едно од барањата. Таму имаат можеби петнаесетина нови барања кои ние како држава, треба да ги исполниме. Така што, нема ништо различно тоа што денеска го слушаме, тоа што го слушаме во континуитет од тоа што, за жал, претходната влада го прифати во 2022 година, рече Мицкоски.

Тешки прашања

На средбата во Софија, бугарската претседателка Илијана Јотова побара исполнување на ЕУ-обврските, додека претседателката Сиљановска-Давкова повика на дијалог меѓу Скопје и Софија за „тешките прашања“.

– Изразивме различни ставови за можните решенија за отпочнување на македонските пристапни преговори. Укажав на неопходноста од интензивирање на комуникацијата меѓу училиштата, универзитетите, научните и културните институции, невладините организации и граѓаните заради надминување на предрасудите, зближување и разбирање. Ја потенцирав важноста на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, како обврска за сите земји членки на Советот на Европа. Треба да продолжиме да разговараме за тешките прашања!, напиша претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на социјалните мрежи по средбата со својата бугарска колешка, што се одржа на маргините на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија.

По средбата, македонската претседателка изјави дека уставните измени не се единствениот услов за тргање на ветото за почеток на преговорите на земјата со ЕУ, туку Бугарите имаат и услови поврзани со протоколите за историската комисија.

– Јас и мојот колега Муцунски сакавме да ги слушнеме нивните позиции. За да им дадам шанса на преговорите, на разговорите и на дијалогот, само ќе кажам дека едно – на обајцата ни стана јасно: не се во прашање само уставните измени, туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на историската комисија. Толку можам засега да кажам, изјави претседателката Сиљановска-Давкова и додаде дека било посочено оти претставници на двете земји треба почесто да се среќаваат и да разговараат, колку тоа и некогаш да изгледа дека нема да вложи со резултат.

Иако македонската претседателка го споменала „нон пејперот“ на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фриндрих Мерц на средбата, како што рече, за тоа немало интерес од другата страна и главно разговорот, се фокусирал на прашањата со кои се соочуваме ние како соседи, за одржувањето на втората невладина конференција, односно почетокот на преговорите и отворањето на кластерот Фундаменти, со кои почнуваат и завршуваат преговорите.

Европски критериуми, не бугарски барања

Бугарската претседателка, пак, порача дека земјава мора да го исполни францускиот предлог од 2022 година, кој го потпиша и кој стана дел од европската позиција за пристапување на земјата во ЕУ. Во соопштението од прес-службата на Јотова што го пренесоа бугарските медиуми, се потенцира токму ставот дека станува збор за европски критериуми, а не за бугарски барања.

– Претседателката Илијана Јотова нагласи дека ова се европски критериуми за членство, а не бугарски барања. За да започне преговори, Скопје мора да ги исполни своите обврски со вклучување на Бугарите во својот Устав. Претседателката Јотова инсистираше да се почитуваат правата на македонските Бугари и да се стави крај на говорот на омраза во Северна Македонија, се наведува во соопштението.

Македонскиот шеф на дипломатијата порача дека сме заложник на некоректна и непринципиелна блокада на нашиот европски пат и тоа е она што македонската страна сака да им го објасни на колегите во Бугарија.

–Никој нема интерес од ова што се случува во моментот. Губат двете држави економски, политички, губат и граѓаните, народите на двете држави, кога се создава ваков тип на недоверба, истакна Муцунски во Софија.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на „нон-пејперот“, евроамбасадорот Михаил Рокас, пак, порача дека најпрво треба да се усвојат уставните измени, за да може да се започнат преговорите. (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ