
Пред малку повеќе од три години, италијанскиот голман Џанлуиџи Донарума и тогашната негова девојка, а сега сопруга, беа ограбени и брутално нападнати во Париз.
Судењето поврзано со овој случај почна во главниот град на Франција, но уште првиот ден сè отиде во сосема неочекуван правец. Наместо веднаш да се зборува во судницата за деталите од ужасниот грабеж од јули 2023 година, главното внимание било насочено кон еден од обвинетите, Иљас Кербуш, познат по прекарот Ганито.
Според информациите од француските медиуми, тој влегол во конфликт со полицијата околу триесет минути по почетокот на судењето, а сè почнало откако полицијата го замолила неговиот брат, кој бил во судницата, да престане да комуницира со него. По тоа, полицаецот го замолил неговиот брат да ја напушти судницата. Потоа Кербуш целосно ја загубил контролата. Почнал да ги навредува и да им се заканува на полицајците, а неговите зборови биле толку сериозни што во еден момент дури 11-мина припадници на полицијата влегле во судницата.
– Дојди со 50.000 – рекол Кербуш, продолжувајќи со сериозните навреди и закани.
Ситуацијата дополнително ескалирала кога еден од полицајците се обидел да го отстрани од просторот на обвинетите, но Кербуш се спротивставил.
– Не допирај ме, не допирај ме! – постојано повторувал тој.
Претседателката на судот се обидела да ја смири ситуацијата и го предупредила дека е препорачливо да присуствува на сопственото судење, но тој одговорил дека не го интересира што вели. Претседателката на судот потоа јасно му ставила до знаење дека се неприфатливи таквите навреди, но тој, очигледно, го добил она што го сакал навистина. Судењето се претворило во циркус.
Во ноќта помеѓу 20 и 21 јули 2023 година, Донарума и неговата девојка, а сега сопруга, доживеале вистински хорор во својот дом во Париз. Маскирани напаѓачи влегле во станот, ги врзале, им се заканувале и физички ги нападнале. Донарума бил удрен во лицето, додека Алесија, која била бремена во тоа време, исто така била нападната. Според информациите од тековното судење, таа го загубила бебето неколку дена по нападот.











