Измените во Изборниот законик се уште во фаза на преговори, изјави денеска заменик –престедател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали. Тој, меѓутоа, не објасни дали прекинатите разговори меѓу политичките партии од власта и од опозицијата се обновени со одржување на нови средби. Според Сали, по промената во Министерството за правда има напори за усвојување на тој закон.
– Вие знаете дека тој закон беше едногласно прифатен од повеќе политички фактори, да кажам политички партии кои се дел од Собранието, меѓутоа во последен момент се повлекоа две, не ги поддржаа тие измени. По промената во Министерството за правда веќе има напори за усвојување на тој закон, меѓутоа тоа е во фаза на преговори сè уште – изјави Сали кој денеска одговараше на новинарски прашања на теми европска интеграција и реформи за нашата земја.
Прашан дали се работи нешто и на Кривичниот законик, за кој крајниот рок е декември оваа година и кој се бара во сите извештаи на ЕУ, вицепремиерот Сали одговори потврдно и посочи дека новиот министер за правда е посветен и на тоа.
- Новиот министер е посветен и на Кривичниот законик, така што сметам дека тоа се закони кои што бараат поширок консензус и поддршка од повеќе нивоа. Министерот работи и се надевам дека ќе успее да се реализира крајната цел – подвлече Сали.
Вчера и Африм Гаши, претседател на македонското Собрание рече дека на вчерашната координација на координаторите на пратеничките групи во Собранието, претставникот на Левица го отворил прашањето за Изборниот законик поради изнесените ставови во однос на предвремените избори. Претседателот на Собранието рече дека е добро да се разговара и дека на средбата нагласил дека доколку има подготвеност, работната група во Собранието и координаторите да ги продолжат разговорите за Изборниот законик.
– Не знам дали наскоро ќе има средба меѓу пратеничките групи околу Изборниот законик. Ако има подготвеност, тие ќе најдат начин да комуницираат. Добро е да се седне и да се разговара без оглед на тоа кога ќе има парламентарни избори. Координаторите треба да се договорат дали може да продолжат со напорите и дали може да се донесе Изборниот законик – нагласи Африм Гаши.
Врзано со ова, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека првенствено очекува заеднички став на опозицијата околу Изборниот законик.
– Очекувам заеднички став на здружената опозиција СДСМ, Левица и ДУИ. Кога ќе имаат заеднички став, ние сме подготвени да разговараме и да најдеме заедничко решение – рече Мицкоски за време на вчерашниот престој на ГП „Табановце“.
Но, вчера од политичките партии од власта и од опозицијата не можеше да се добие информација дали се обновени разговорите околу Изборниот законик. (Б. Ѓ.)












