Со зборовите „Нека е аирлија булевар ’Борис Трајковски’“, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, го честиташе почетокот на градежните активности на трасата од оваа сообраќајница на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево, во должина од 850 метри.
Претходно, тој информираше дека на овој дел ќе бидат изградени четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека.
Според него, ова е исправање на една долгогодишна неправда кон граѓаните со што ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.
Тој истакна дека реализацијата на овој проект ќе значи побрз проток на сообраќајот наместо часови застој, безбедност наместо ризик и ред наместо импровизација.
Рокот за изведба е до крајот на календарскава година.
Булеварот „Борис Трајковски“ е една од главните сообраќајници во Кисела Вода, со почеток од „Рампа“, па сè до Драчево, а неговото проширување го започна ексградоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, уште во 2011 година. Последната посериозна активност на овој проект беше во 2015 година, кога започна третата фаза.












