Општина Центар е подготвена да ја преземе надлежноста за одржување на хигиената доколку Градот не ги извршува своите обврски, порача градоначалникот Горан Герасимовски во телевизиско гостување.
Тој посочи дека Општината има капацитет и јасен план како самостојно да се справи со проблемот, особено во услови на влошена состојба со јавната хигиена.
– Тоа го покажавме и пред изборите, кога се соочивме со огромен проблем со хигиената. Имаме 120 хигиеничари, кои се постојано на терен. Секое утро ги почнуваат своите работни обврски од училиштата, градинките, потоа продолжуваат кон сите други улици и зелени површини. Но, проблем е чистењето на сметот од самите контејнери и околу контејнерите. Не треба да го покажуваме прстот кон сите градоначалници, треба малку и меѓу себе да си ги покажеме прстите – истакна Герасимовски.
Тој нагласи дека е недозволиво да се прелеваат контејнерите со смет, а децата да мора да прескокнуваат преку отпад за да стигнат до училиште.
– Верувам дека ќе се подобри ситуацијата. Од она што го имаме како информација, Градот прави напори, со помош на Владата, да набави одреден број возила, кои ќе придонесат да се подобрат условите во делот на хигиената – рече Герасимовски.
Во телевизиското гостување, исто така, информираше дека паралелно се работи на повеќе инфраструктурни зафати, меѓу кои реконструкција на улицата „Ленинова“, во прва и втора фаза, на делницата од „Партизански одреди“ до Министерството за земјоделство, на улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало, како и тоа дека хортикултурно се уредува просторот кај Зелениот пазар.
Герасимовски најави изградба на нова градинка во близина на Клиничкиот центар, за која, како што рече, во моментов се подготвува проектната документација. Тој потсети и на неодамна отворената градинка „Пролет“, прва нова по повеќе од 50 години.
Градоначалникот посочи дека во делот на културата, Општината годинава има најголем буџет досега, со бројни настани посветени на 50-годишниот јубилеј на Општината.
– Паралелно се реализираат и проекти за поддршка на повозрасните, како и активности што поттикнуваат сплотување меѓу сите категории граѓани – истакна Герасимовски.
Тој наведе дека по успешната манифестација „Центарски улици 4“, оваа сабота ќе се одржат тематски прошетки со граѓаните за поблиско запознавање со културните обележја на Општина Центар, со почеток во 12:00 часот, додека на 27 април, кај спомен-клупата на големиот драматург Горан Стефановски во Дебар Маало, со почеток во 17:00 часот, ќе се одржи настанот „Прослава на животот на Горан Стефановски“.












