Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа утре од 12 часоот ќе го одигра натпреварот од првото коло на главниот турнир на Вимблдон. Нејзина прва противничка ќе и биде минатогодишната финалистка, Американката Аманда Анисимова.

Американката важи за голем фаворит на турнирот , а на турнирот е поставена за шеста носителка, но нашата најдобра тенисерка не е премногу вознемирена поради тоа и има порака до љубителите на тенисот во Македонија.

„Поминав одлично во квалификациите. Секогаш знаев и верував дека можам и дека треба и да се склопат коцките, за да биде совршено. Секој меч беше тежок, сите што учествуваат се меѓу 200. најдобри на светот во еден од најмасовните спортови и затоа нема лесен меч. Сепак, би го издвоила вториот (против Франциска Жорге). Последниот натпревар го одиграв одлично, загубив три гема и навистина сум среќна, пред сè со тоа како се носев за време на мечот. За Аманда Анисимова нема што многу да се каже, квалитетна и комплетна тенисерка, а мојата единствена цел е да го одиграм своето. Се надевам дека ќе биде интересен меч и гледајте и навивајте од дома“, рече Ѓорческа пред натпреварот.

Дуелот меѓу најдобрата македонска тенисерка и Анисимова ќе се игра на теренот број 2 на комплексот на Вимблдон. Ѓорческа е прва Македонка која се пласирала на еден Грен слем турнир во сингл конкуренција.

 

 

ИЗДВОЕНИ