За време на преговорите што неодамна се одржаа во Абу Даби, Русија побара присуството на силите на НАТО во Европа да се намали на нивоата што постоеле пред проширувањето на Алијансата кон исток, кое започна во 1997 година. За ова извести американскиот весник „Вашингтон пост“, додавајќи дека дошол до список со овие барања.
Ова барање – кое беше изнесено и во 2021 и 2022 година, а потоа оценето како неприфатливо од страна на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и нејзините сојузници – би значело дека Полска, Унгарија, Чешка и трите балтички држави повеќе не би можеле да бидат домаќини на сили или вооружување на НАТО.
„Во одредени погледи, новиот документ оди дури и подалеку од нацрт-„договорите“ за безбедност што Русија ги претстави во 2021 година, непосредно пред инвазијата“, наведува американскиот весник.
Москва веќе не бара само САД да се воздржат од распоредување нуклеарно оружје во Европа, таа исто така бара Франција и Велика Британија да се откажат од „нуклеарното споделување“ – концепт што минатата година го спомена францускиот претседател Емануел Макрон како дел од напорите за развивање „стратешка автономија“ од Соединетите Држави, додава „Вашингтон пост“.
Што се однесува до потенцијалното пристапување на Украина во НАТО, Кремљ бара не само земјата да се откаже од таа можност, туку и да ѝ се оневозможи учество во Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската унија, доколку таа некогаш стане членка на ЕУ.
Барањата на Кремљ покажуваат дека, по две години преговори, американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер „не успеаја да го придобијат (рускиот претседател Владимир) Путин, и покрај ветувањата за низа економски придобивки и генерално потоплиот тон на Белата куќа кон Москва“, додава американскиот весник.












