Естонија се подготвува да ја затвори границата со Русија по обидот за напад врз производител на воени беспилотни летала – инцидент за кој естонските власти тврдат дека бил оркестриран од руското воено разузнавање.
Естонскиот премиер Кристен Михал во недела повика на преземање на сите неопходни чекори за затворање на источната граница на земјата, а се очекува мерката да стапи на сила на 1 декември, според јавниот сервис ERR.
Во саботата беа приведени осум државјани на Латвија по обид за упад во објектите на компанијата „Threod Systems“ во Виимси, северно од Талин. Групата, наводно, имала намера да предизвика експлозија и да ја запали зградата на компанијата. Оваа фирма, меѓу другото, произведува извидувачки и борбени беспилотни летала со голем дострел.
Естонската служба за внатрешна безбедност (KAPO) соопшти дека нападот бил извршен по наредба на руската воена разузнавачка служба, ГРУ.
Михал изјави дека разговарал за можното затворање на границата со министерот за внатрешни работи Игор Таро, и им дал насоки на него и на Канцеларијата на Владата да ги подготват потребните мерки.
„Ако Русија продолжи со своите хибридни операции во Естонија – а знаеме дека руските разузнавачки служби ги користат граничните премини за да вршат влијание врз луѓето – мораме да бидеме подготвени да ги намалиме ризиците со кои се соочуваме“, рече Михал.
Во моментов, Естонија има три отворени гранични премини кон Русија, кои овозможуваат пешачки и товарен сообраќај.
Министерот Таро најави дека следната недела Владата ќе разговара за затворање на сите патни гранични премини меѓу двете земји, со важност од 1 декември.
Одлуката за тоа дали оваа мерка ќе биде привремена или трајна се очекува во наредните денови.
Во објава на социјалната мрежа X, Министерството за надворешни работи на Естонија наведе дека границата ќе биде затворена почнувајќи од 1 декември.












