Џеки Џојнер-Керси е една од најголемите атлетичарки во историјата, но нејзиниот пат до врвот бил исполнет со огромни предизвици, загуби и со моменти во кои морала да покажува неверојатна сила. Таа пораснала во проблематична населба во Сент Луис, каде што пукотниците, грабежите и опасностите биле дел од секојдневието. Уште како дете научила како да ја препознае опасноста и да се снаоѓа во средина во која преживувањето не е секогаш лесно.
Таа подоцна зборувала дека токму тие искуства ја направиле посилна и ѝ помогнале полесно да се соочи со пречките што ѝ ги носел животот. Од своите родители, пак, ја научила важноста на работата, дисциплината и на упорноста.
Нејзините родители биле многу млади кога се родила таа: татко ѝ имал само 14, а мајка ѝ 16 години. И покрај тешките околности, успеале да ѝ пренесат силна животна лекција: никогаш да не се откажува, без оглед на условите.
На само 18 години Џеки доживеала огромна трагедија: ја загубила мајка си. Тој момент целосно го променил нејзиниот живот и ја принудил многу рано да стане независна.
- Губењето на мајка ми длабоко ме потресе. Морав да научам да бидам независна – раскажувала Џојнер-Керси, која признала дека зад сликата на силната спортистка често се криела лична борба со сопствената несигурност.
Наместо да дозволи трагедијата да ја скрши, љубовта кон мајка си ја претворила во дополнителна мотивација. Нејзината баба уште од детството верувала дека таа е предодредена да биде прва во нешто.
Токму затоа го добила името по Џеклин Кенеди, а нејзината баба еднаш напишала дека ќе биде прва дама на нешто. Џеки подоцна сфатила дека може да го постигне тоа преку атлетиката.
Но, ниту спортскиот пат не ѝ бил без проблеми. Во текот на студиите на УЦЛА, добила кошаркарска стипендија, а потоа ѝ била дијагностицирана астма.
На почетокот ја криела дијагнозата, бидејќи се плашела дека може да ја загуби стипендијата. Имала моменти кога едвај можела да трча, а ситуацијата станала сериозна откако завршила во болница. Наместо да се откаже, ја прифатила астмата како уште една пречка со која мора да се справи. Со дисциплина и со внимателен пристап кон тренинзите, успеала да продолжи да се натпреварува на највисоко ниво. Резултатот од нејзината борба е една од најимпресивните кариери во историјата на атлетиката. Џеки Џојнер-Керси освои шест олимписки медали, од кои три златни, а беше и четирикратна светска шампионка.
На Олимписките игри во Сеул, во 1988 година, го достигна врвот во седмобој. Таа освои 7.291 бод и постави светски рекорд што остана ненадминат.
Со својата приказна, таа покажа дека огромниот успех не секогаш почнува во идеални услови. Нејзиниот животен пат од проблематичната населба во Сент Луис, преку личните трагедии и здравствените проблеми, до олимписките медали ја направи една од најпрепознатливите фигури во светската атлетика.











