Џенсен Хуанг размислува за враќање на позицијата извршен директор на „Енвидиа“ (Nvidia), додека неговите сојузници во Силиконската долина вршат притисок врз одборот на директори повторно да му го доверат раководењето со компанијата. Ова се случува само неколку дена откако тој поднесе оставка, пренесува „Фајненшел тајмс“ (Financial Times).
Според весникот, кој се повикува на повеќе извори запознаени со ситуацијата, Хуанг разговарал за можното враќање со блиски соработници. Во меѓувреме, одборот на директори започна независна истрага за неговото однесување, која е во тек. Кризата ја зафати компанијата, чија вредност изнесува 4 трилиони долари.
Хуанг поднесе оставка во четвртокот, откако во јавноста излегоа детали за неговите вонбрачни афери. Една од нив наводно вклучува Алиса Хуанг, раководител во сингапурската фирма „Мегаспид“ (Megaspeed) – за која постои сомневање дека е кинески шпион – додека друга вклучува вработена која му била подредена.
Еден од сојузниците на Хуанг изјави за „Фајненшел тајмс“ дека тој формира „кризен штаб“ составен од раководители од Силиконската долина. Нивна задача ќе биде да лобираат за негово враќање и да се обидат да обезбедат поддршка од Белата куќа. Според овој извор, Хуанг ги поддржува овие напори.
„Сите што се важни во технолошката индустрија – со исклучок на водечките лаборатории за вештачка интелигенција – го сакаат Џенсен“, рече изворот.
Јавната кампања за негово враќање дополнително се интензивираше за време на викендот. Извршниот директор на „Тесла“ (Tesla) и „Спејс-икс“ (SpaceX), Илон Маск, како и извршниот директор на „Епик гејмс“ (Epic Games), Тим Свини, дадоа поддршка на отвореното писмо упатено до одборот на директори, насловено „Вратете го Џенсен“.
Некои вработени во Nvidia исто така го потпишаа писмото, при што неколкумина јавно повикаа Хуанг да се врати на чело на компанијата.
Бред Герстнер, основач на „Алтиметар капитал“ (Altimeter Capital), и Гевин Бејкер, шеф на „Атреидес менаџмент“ (Atreides Management) – и двајцата големи акционери во Nvidia – во петокот објавија отворено писмо. Тие го повикаа одборот да ги разгледа сите опции, вклучително и враќањето на Хуанг. Како клучни аргументи, тие го наведоа долгогодишниот успех на компанијата под негово водство, како и значителната неизвесност што се појави по неговото заминување.
Обидот Хуанг да се врати на чело на Nvidia може да наиде на отпор од Вашингтон. Во неделата, американскиот министер за финансии, Скот Бесент, повика на темелна промена во раководството, сугерирајќи дека новиот извршен директор треба да се бара надвор од компанијата.
За разлика од некои основачи кои поседуваат контролен удел во своите компании, Хуанг нема моќ еднострано да ги поништува одлуките донесени од одборот на директори.
Колет Крес моментално привремено ја води компанијата, додека раководството се обидува да ја стабилизира состојбата пред објавувањето на кварталниот извештај за заработката, закажано за вторник. Дури и меѓу сојузниците на Хуанг, нема јасен одговор за тоа како би можела да се поправи неговата нарушена репутација. Едно лице вклучено во кампањата за негово враќање призна за „Фајненшел тајмс“ дека неговата врска со вработена што му била подредена, претставувала основа за неговото отпуштање.
Случајот поврзан со Елис Хуанг дополнително го сврте вниманието кон начинот на кој Nvidia ги проверува клиентите во Азија кои можеби имаат врски со Кина – особено во однос на продажбата на чипови за вештачка интелигенција.
Во петокот, „Фајненшел тајмс“ објави дека одборот на директори разговарал со Рене Хас, извршниот директор на компанијата Arm, како можен наследник на Хуанг. Сепак, од одборот изјавија дека сè уште не е започнат официјален процес за избор на нов извршен директор.
Ниту Nvidia, ниту канцеларијата на Хуанг не сакаа да го коментираат извештајот на „Фајненшел тајмс“.












