Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2027 година се отвораат денес (12 часот) и ќе траат до 31 октомври, до 15. 30 часот.
-Овие конкурси ќе ги поддржат проектите што ја збогатуваат културната понуда, создаваат простор за нови креативни изрази и придонесуваат за меѓународната видливост на македонската култура. Изразуваме искрено очекување дека и оваа година уметниците, здруженијата и културните организации ќе покажат висок интерес и професионална подготвеност, потврдувајќи ја динамичноста и зрелоста на нашата културна сцена, посочи на денешната прес конференција министерот за култура и туризам Седат Сулејмани.
Тој посочи дека пријавувањето за сите области се врши исклучиво електронски преку Националниот портал за е-услуги (uslugi.gov.mk), додека пријавите во печатена форма или по пошта нема да се разгледуваат.
Во однос на прагот на квалитетот се задржува минималниот праг од 40 бода (од вкупно 100) за финансиска поддршка.
Дел од правилата кои веќе се познати за апликаните се и дека има унифициран систем на бодување, односно до 70 бода за квалитетот на содржината, до 15 бода за човечките ресурси и до 15 бода за финансиската оправданост. Исто така се задржуваат и ограничувањата (до 4 проекти за правни лица и до 2 за физички лица), со цел да се поттикне квалитет пред квантитет.
Министерот Сулејмани посочи дека во рамки на конкурсите ќе се даде јасна предност на сериозни, добро осмислени и одржливи проекти што имаат капацитет да остават траен белег, било преку институционална соработка, регионален досег, меѓународна афирмација или развој на нови публики.
-Дополнително со посебен интерес очекуваме проекти кои ќе се реализираат во пограничните зони. Истовремено, свесни сме за важноста на помалите иницијативи. Тие ќе продолжат да имаат свое место, особено кога покажуваат висок уметнички квалитет, иновативност и јасна поврзаност со локалните заедници, додаде Сулејмани.












