Реклама генерирана од вештачка интелигенција, објавена од клиника во Украина во јануари оваа година за да привлече нови сурогат мајки, прикажува жена принудена да избере помеѓу купување дрва за огрев и облека за своите деца, истакнувајќи ги тешкотиите со кои се соочиле многу Украинци откако започнала војната.
Друга рекламна кампања во 2021 година, водена од најголемата клиника за сурогат мајчинство во Украина, Центарот за човечка репродукција „БиоТексКом“, промовираше попусти за сурогат мајчинство за време на „Црн петок“.
За многу млади Украинки, сурогат мајчинството е начин за преживување. Една од нив е Карина, која носи дете за двојка од Кина.
„Ќе бидам сурогат мајка колку што можам повеќе пати, сè додека ми дозволува здравјето“, вели Карина за Би-Би-Си.
Кога имала 17 години, нејзиниот дом бил уништен кога нејзиниот град Бахмут станал едно од најжестоките бојни полиња во раните фази од руската инвазија на Украина. Голем дел од градот бил претворен во урнатини и пепел, а таа и нејзиниот партнер се преселиле во главниот град Киев, но се бореле да најдат стабилна работа. Карина за Би-Би-Си вели дека одлуката да стане платена сурогат мајка ја донела кога еден ден во продавницата, едвај имала доволно пари само да купи леб и пелени за нејзината тогаш едноиполгодишна ќерка. Таа, како што вели, никогаш не би станала сурогат мајка да не беше војната, која остави милиони луѓе без работа и егзистенција.
Пред војната, Украина често се наведуваше како втор најголем центар за комерцијално сурогат мајчинство во светот, веднаш по Соединетите Американски Држави. Сега украинскиот парламент разгледува закон со кој би се вовел надзор врз сурогат мајчинството и ефикасно би се забранил пристапот за странци, кои сега сочинуваат 95 проценти од потенцијалните „наменски“ родители во земјата.
Предложениот закон има за цел построго да ја регулира „индустријата за сурогат мајчинство“ обвинета дека „репродукцијата ја претвора во производ“ и ги експлоатира сиромашните, ранливи жени.
Иако бројот на деца родени од украински сурогати претставува само мал дел од вкупниот број, поддржувачите на законот велат дека украинските жени не треба да раѓаат сурогат бебиња од странци во време кога стапката на наталитет значително се намали поради војната.
„Бројот на очајни жени се зголемува поради војната, клиниките им ја нудат оваа можност (да бидат сурогат мајки) затоа што западните парови сакаат да купат бебиња евтино“, изјави за Би-Би-Си активистката за права на жените Марија Дмитриева.
Активистката се спротивставува на секое сурогат мајчинство од етички причини и верува дека предложениот закон не оди доволно далеку и дека практиката треба целосно да се забрани во Украина. Дмитриева ги обвини клиниките за сурогат мајчинство дека отворено ги таргетираат посиромашните жени и особено посочи на рекламирањето на социјалните медиуми.
Инаку, како што пишува Би-Би-Си, клиниките во Украина за сурогат мајчинство наплатуваат околу 75.000 евра, што е значително помалку отколку во Соединетите Американски Држави, каде што трошоците за сурогат мајчинство можат да надминат 150.000 долари (околу 127.700 евра).
Експертите изјавија за Би-Би-Си дека војната во Украина значително влијаела на сурогат мајчинството, но дека тоа речиси се вратило на нивоата од пред конфликтот.












