Поскапувањето на енергенсите, особено последното зголемување на цената на дизелот за 5,5 денари, се очекува да изврши дополнителен притисок врз животниот стандард на граѓаните и врз цените на основните производи. Повисоките трошоци за гориво директно влијаат врз транспортот и производството, а преку нив и врз крајните цени во продавниците и на пазарите. Цените на овошјето и на зеленчукот веќе бележат раст, а очекувањата се дека постепено ќе се прелее поскапувањето на горивата и врз другите прехранбени производи и услуги. За граѓаните, тоа значи дополнително оптоварување на семејниот буџет, особено за оние со пониски приходи.
Во услови на зголемени трошоци за живот, дел од земјите во регионот и Европа веќе преземаат мерки за ублажување на ударот врз граѓаните. Србија почнува со исплата на еднократна финансиска помош од 6.000 динари за полнолетните граѓани што ги исполнуваат условите. За оваа мерка се пријавиле околу 1,7 милиони граѓани и таа е дел од поширок пакет мерки за поддршка на животниот стандард, вреден стотици милиони евра. И Италија дава финансиска поддршка за набавка на основни прехранбени производи. За 2026 година, мерката опфаќа повеќе од 1,1 милион домаќинства, а вкупната поддршка изнесува 1.000 евра за домаќинство, исплатени во две транши од по 500 евра. Сопствениците на дизел-возила во Унгарија, пак, ќе добиваат парична помош од државата поради високите цени.
Прашањето што се наметнува е дали и Македонија ќе преземе дополнителни мерки за да го ублажи ударот од поскапувањето и за да го заштити стандардот на граѓаните. Економистите предлагаат доколку продолжи кризата, да се воведат ваучери за гориво, а потоа, доколку е потребно, и за други производи.
На годишната конференција на Македонската берза, претставниците на големите компании нагласија дека нивните трошоци за работа, особено на материјалите и амбалажата, се значително зголемени, но, сепак, економистите уверуваат дека сè уште не сме влезени во рецесија.
Поскапувањето на дизелот ќе има поширок ефект врз бизнисот и потрошувачите, бидејќи повисоките транспортни и логистички трошоци неминовно се пресликуваат во крајните цени на производите. Ова за весникот ВЕЧЕР го вели Миле Бошков, претседател на Бизнис- конфедерацијата на Македонија.
Според Бошков, најголемиот удар ќе го почувствуваат компаниите чија работа директно зависи од транспортот и од дистрибуцијата, но постепено и граѓаните ќе ги почувствуваат последиците.
– Зголемувањето на цената на дизелот е голем проблем, бидејќи директно ќе ги погоди компаниите и ќе ги зголеми цените на речиси сите производи, дури и на малите пекарници. Дистрибуцијата на производите од фабриките до маркетите ќе поскапи, а тоа ќе се вкалкулира во цените на производите што се дистрибуираат. Најмногу ќе се зголемат трошоците во транспортот и во логистиката. Некој ќе треба да го плати тоа, а тоа ќе бидат клиентите и потрошувачите – вели Бошков.
Тој очекува зголемените трошоци за транспорт постепено да се прелеат во целиот синџир – од производителите и дистрибутерите, преку трговците, па сè до крајните потрошувачи. Тоа, според него, може дополнително да го зголеми ценовниот притисок врз домаќинствата во период кога се зголемени трошоците за живот.
Бошков предупредува дека зависноста од увозот на храна и енергенси дополнително ја изложува домашната економија на надворешни шокови.
– Геополитичките случувања во светот и во регионот, војната во Украина, војната на Блискиот Исток постојано ни покажуваат каде да инвестираме. Треба веќе еднаш да ја научиме лекцијата и да почнеме да ги зголемуваме примарното земјоделско производство, производството на храна и да градиме енергетски капацитети – додава Бошков.
Според него, зголемувањето на домашното производство на храна и на енергија би значело и поголема отпорност на економијата на идни надворешни кризи и ценовни шокови. Во спротивно, секое ново нарушување на глобалните пазари и секое поскапување на енергенсите може повторно да се прелее врз трошоците на домашните компании и на граѓаните.
Заменик-министерот за економија Марјан Ристески вели дека Македонија и натаму ги има најниските цени на горива во регионот.
– Мерките на Владата даваат резултати, Македонија со најниски цени на горивата во регионот. Во Македонија литар бензин 95 се продава за 99 денари, а цените во регионот се од 5% до 30% поскапи, најскапо во Грција.
Во Македонија литар дизел е 104,5 денари и во регионот е поскапо од 11 % до 40,5% во Албанија.
Ова се реалните цели на горивата во Македонија и во регионот, македонските граѓани трошат помалку за да ги наполнат своите резервоари на возилата и со тоа им останува повеќе во нивните семејни буџети.
Ова е доказ дека добро испланираните и променети мерки за намалување на цените, како што е намалување на ДДВ и акцизите, даваат резултати и ги држат под контрола малопродажните цени“, напиша Ристески на социјалните мрежи.
Од опозицијата, пак, реагираат дека зголемувањето на цената на дизелот на 104,5 денари за литар е нов удар врз семејните буџети, земјоделците, превозниците и економијата. Велат дека предложиле мерки за намалување на цените на горивата, меѓу кои укинување на акцизата, намалување на ДДВ на 5 отсто и минимална плата од 600 евра, но дека Владата не ги прифатила.
Но, додека институциите ги споредуваат цените на горивата со оние во соседството, граѓаните се соочуваат со поинаква реалност: секое поскапување на горивото значи потенцијално поскап транспорт, поскапо производство и нов притисок врз цените на храната.
(А. С.)












