вторник, септември 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЦИГАРИ, ЗЛАТО И „МАШКА СИЛА“: ПАДНА ОСУМЧЛЕНА ГРУПА, МЕЃУ НИВ И ЦАРИНИК!

ЦИГАРИ, ЗЛАТО И „МАШКА СИЛА“: ПАДНА ОСУМЧЛЕНА ГРУПА, МЕЃУ НИВ И ЦАРИНИК!

Во акција на МВР и на Обвинителството, пресечен шверцерски синџир

1796

Шверцери со цигари плаќале цариник за „слободен премин“, а во скриени сефови чувале 86.200 евра и 16 златни плочки – во шверцерскиот бизнис имало и „камагра“, таблети, гелови, пасти, мед и чоколада за потенција

Цигари без акцизни марки, купишта кеш во различни валути, златни плочки скриени во спуштен плафон и нелегални препарати за потенција – ова е дел од заплената во големата акција во која е откриена осумчлена група осомничена за шверц и низа други кривични дела. Јавен обвинител од Специјализираното одделение при Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против осум лица, откако МВР доставило кривична пријава. Сомнежите се однесуваат на периодот од 2024 до 2026 година, а доказите, меѓу другото, биле обезбедени преку анализа на податоци од мобилен телефон одземен при претрес во јануари годинава. Тогаш, во домот на првоосомничениот биле пронајдени поголеми количества цигари, но и 30.000 канадски долари, 35.000 австралиски долари, 12.950 евра и 69.000 денари.

Но, вистинскиот „трезор“ бил откриен при последните претреси кои се вршеа од понеделникот. Во две метални сеф-каси скриени во спуштен плафон во неговиот дом биле најдени 86.200 евра и 16 плочки со златна боја. Во неговото возило дополнително биле пронајдени 6.465 евра и 62.000 денари.

Според Обвинителството, првоосомничениот со години ја избегнувал царинската контрола и преку царинската линија пренесувал непријавени цигари. Во тоа, според досегашните докази, му помагале повеќе лица, меѓу кои и царински службеник кој го информирал за смените, за лентата на која бил распореден и за засилените контроли. Истрагата опфаќа и конкретен случај на поткуп на граничниот премин Богородица. Осомничениот цариник, според Обвинителството, прифатил ветување за пари за да не изврши контрола на возило со цигари и го пропуштил возилото без проверка. Во предавањето на парите посредувал шестиот осомничен, турски државјанин.

МН ШВЕРЦЕРСКА „АПТЕКА“ ЗА СЕКОЈА ПОТРЕБА: ТАБЛЕТИ, ГЕЛОВИ, МЕД И ЧОКОЛАДА ЗА ПОТЕНЦИЈА

Паралелно со цигарите, групата, според, Обвинителството, се занимавала и со нелегална трговија со лекови и производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата. При претресите биле пронајдени големи количества лекови за дијабетес, срцеви и кардиоваскуларни заболувања, невролошки и психијатриски состојби, ревматолошки и автоимуни заболувања, како и антибиотици, кортикостероиди, хормонски препарати, инсулини, антикоагуланси и бензодиазепини. Во богатата „палета“ на нелегално понудени производи имало и „камагра орал џели“, кој се издава со лекарски рецепт, но и други производи за сексуална функција и потенција – таблети, гелови, пасти, мед и чоколада.

– Во периодот од 2024 до 2026 година, првопријавениот М. С. организирал нелегално внесување и складирање акцизна стока – цигари и тутун, како и нивна понатамошна препродажба. Во рамките на криминалните активности, преку давање поткуп на царинскиот службеник З. С., на членови на групата им било овозможено непречено пренесување акцизна стока преку царинската линија без пријавување и плаќање на законските давачки, како и нелегално внесување лекови и суплементи, наменети за продажба. Со дел од утврдените дејства е предизвикана материјална штета на буџетот на државата, односно избегнати се царински давачки, акциза и данок на додадена вредност во значителен износ, а со пуштањето во промет без одобрение, упатство и рецепт, дел од производите предизвикале опасност за здравјето на луѓето, велат од ОЈОГОКК.

Обвинителството сомничи дел од групата и за прикривање и пуштање во промет шверцувани цигари, царинска измама, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, како и за производство и пуштање во промет штетни средства за лекување. На првоосомничениот му се става на товар и перење пари, односно прикривање на средствата за кои постои сомнение дека потекнуваат од криминалните активности.

– Поднесена е кривична пријава против осум лица: М. С. (52) од Тетово, З. С. (42) од Гевгелија, А. С. (38) од Скопје, Б. Љ. (46)  од Тетово, Е. А. (55) од Скопје, Д. Џ. (46) од Тетово, Б. А. К. (34) и С. С. (42), двајцата од Република Турција, за повеќе кривични дела, меѓу кои шверцување, прикривање стоки кои се предмет на шверц, избегнување плаќање акциза, примање поткуп, давање поткуп, производство и пуштање во промет штетни средства за лекување и перење пари и други приноси од казниво дело, соопштија од МВР

За тројца осомничени, обвинителот побарал притвор, за тројца мерки на претпазливост, додека двајца во моментов се недостапни за органите на прогонот. Сите одземени предмети, цигари и пари ќе бидат предмет на понатамошно вештачење и анализа. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ