вторник, септември 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА РАДИКА И ЛЕПЕНЕЦ ГО ВКЛУЧИЈА АЛАРМОТ: Ќе ја исчистат ли драконските казни...

РАДИКА И ЛЕПЕНЕЦ ГО ВКЛУЧИЈА АЛАРМОТ: Ќе ја исчистат ли драконските казни Македонија?

Драстичните примери на загадување одново потсетија дека нехигиената на која ѝ кумуваат дел од најнесовесните граѓани, одамна се одомаќинила во најголем дел од македонските градови, почнувајќи од метрополата Скопје. „Неодамнешните случки со фрлањето отпад во река или создавањето диви депонии само покажува дека ни се потребни драконски казни“, изјави скопјанката Лукреција Маљковиќ за весникот ВЕЧЕР. Освен тоа, се бара и мерката општокорисна работа во комуналните претпријатија да биде задолжителна, а не право на сторителот да ја прифати или не

144

Фрлените ќеси и вреќи со ѓубре и друг најразличен отпад во реките Лепенец и Радика деновиве ја револтираа македонската јавност. Ова, како со дрскоста и несовесноста на чинот со кој се загадуваше животната средина така и со малите санкции што им се определени на двајцата сторители кои ги згрозија другите граѓани со својот однос. Но, ваквиот бескрупулозен однос одново го сврте вниманието кон прашањето како се однесуваме кон животната средина, кон јавната хигиена, кон чистотата, кои, за жал, стануваат сè понечисти и затрупани со купишта ѓубре. Речиси насекаде во земјава.

Благодарение на снимките направени од граѓани, јавноста можеше да ја види сета дрскост на сторителите: застанување среде мост на Лепенец, со луксузно „порше“, фрлање ќеси во реката, одмавнување со раката кон камерата што го снима чинот, фрлање вреќи со отпад во Радика… Полицијата ги најде сторителите, изрече санкции, но приказната со загадувањето на животната средина доби само нови, уште погрди примери. Нехигиената на која ѝ кумуваат дел од најнесовесните граѓани одамна се одомаќинила во најголем дел од македонските градови, почнувајќи од метрополата Скопје. Сведоштвата на граѓаните само го потврдуваат тоа.

– Не се зачудив од тоа што го видов, како дрскоста со која се фрлаше ѓубре во Лепенец и во Радика. Па секојдневно ни се случува тоа и во скопските населби. Видете само колку намерно фрлено ѓубре имаме по тротоарите, по улиците, тревниците, околу контејнерите, па ќе сфатите дека се работи за истата дрскост. Само со разлика што едните беа снимени, другите не. Едни граѓани се крајно несовесни и некултурни, комуналните служби, пак, се потопени во своите загуби и дотраени капацитети за да може нешто темелно да исчистат и да го одржат како такво– ни вели еден скопјанец.

Ниска санкција од 20 евра

Податоците за загадувањето со најразлични видови ѓубре на Скопје и на другите градови веќе со години се алармантни. Само преклани во целата земја биле создадени 790.866 тони комунален отпад, од кои биле собрани 637.471 тон и од кои 90 проценти завршиле на депониите без претходна селекција. Освен ова, процените на експертите покажуваат дека најмалку 30 отсто од отпадот во државата воопшто не завршува на депониите, туку останува расфрлан.

– Во осумдесеттите години, кога седевме на клупа, сите замислувавме како ќе биде две илјади и некоја, како ќе биде во дваесет и првиот век. Зарем некој правеше муабет за тоа дали треба редовно да се празнат контејнерите?! Дека треба тие да бидат чисти. Дека треба да се измијат улиците по полноќ. Тоа тогаш беше нормална работа. Сега, по 35 години, улиците се црни и лепливи, смрдат од течноста од ѓубрето што се цеди од камионите. Дали може да се поправи нешто? Нормално дека може, но потребни се вистински промени – смета скопјанецот Владимир Кочовски.

На виделина излезе и фактот за ниските казни. За најголем дел од граѓаните, предвидената санкција од 40 евра, односно 20 доколку се плати казната во рок од осум дена, е прениска и треба да се зголеми. Колку за споредба, за вакви и слични дела во Црна Гора санкцијата е од 500 до 2.000 евра, во Бугарија од 150 до 500 евра, во Хрватска и повеќе од 1.000 евра, во Италија 1.500 евра и повеќе… Меѓутоа, има проблем и во тоа колку од сторителите се откриени при чинот на фрлање отпад. Десеттемина комунални редари што делуваат во рамките на Градот Скопје, во последните шест месеци од минатата година поднеле само 99 записници за сторени прекршоци од граѓаните, а во тој период биле наплатени глоби од по 40 или 20 евра од 79-мина несовесни граѓани. Од друга страна, во јавноста се зголемуваат и барањата да бидат казнети несовесните граѓани и со мерка општокорисна работа, со која за секој ваков прекршок би морале да работат определен број денови во комуналните претпријатија. Меѓутоа, тука е проблемот што може да се изрече и примени ваквата мерка, предвидена со Законот за прекршоци, само доколку се согласи сторителот со таквиот вид санкција. Оттаму и дилемата дали е потребна промена во законското решение со кое би можела да се изрекува општокорисна работа од страна на судовите како задолжителна, без можност граѓанинот да избира.

-Неодамнешните случки со фрлањето отпад во река или создавањето диви депонии само покажува дека ни се потребни драконски казни. Зошто? Зашто се плашиме од казни. Видливо е драстичното опаѓање на хигиената, без оглед на изјавите на градските татковци дека никогаш не било почисто. И тука не е само ѓубрето, тука се и исушените тревници, зараснатите рабници, необележаните улици, а да не зборувам за немиените автобуси, кои, веројатно, би можеле да ја понесат титулата за најнечисти во светот. И, да, комуналната работа мора да е дел од казната. Да си ги соберете сите лушпи од семки од автобусот и да го исчистите брегот на Вардар за да почувствувате како е кога сте од другата страна – наведува граѓанката Лукреција Маљковиќ во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Потребен е систем од регулатива до депонии          

Градските власти на Скопје неодамна објавија набавка на околу 40 нови камиони за собирање смет, како и на околу 3.300 контејнери за отпад. Сепак, прашање е дали значително ќе ја подобри тоа хигиената во градот доколку продолжи несовесниот однос на дел од граѓаните. Граѓанинот Петар Бошевски смета состојбата со одржувањето на јавната хигиена во Скопје е многу лоша, слично како и во другите места во државава.

– Ова е последица на проблеми таложени со децении. За вистинско решавање на проблемот со сметот и со хигиената, потребно е воспоставување систем. А, за воспоставување систем се потребни време и инвестиции за да се изгради тој. А, под систем не мислам само на функционално јавно претпријатие со доволно опрема и луѓе туку и на соодветна законска регулатива за построго казнување на прекршителите, изнаоѓање начин за спречување на создавање диви депонии (редарска служба, безбедносни камери…), агилност на инспекторите, подобро селектирање на отпадот, подобар начин за справување со кабастиот отпад, изградба на вистинска регионална депонија (наместо оваа карикатура од депонија во Дрисла) – потенцира Бошевски во изјавата за ВЕЧЕР.

И граѓанинот Владимир Кочовски смета дека нема многу дилеми околу тоа како може да се подобри состојбата.

– Нема многу филозофија. Треба да се има волја. Треба да се стават вистинските луѓе на вистинското место. Не партиски, туку способни. Треба да се вработат луѓе што за достоинствена плата совесно ќе си ја вршат работата. Луѓето се плашат од казни или поточно сиромашните се плашат од казни. На богатите баш им е гајле за некоја смешна казна. Општокорисната работа, можеби, ќе влијае кај некој од нив… кај поголемиот дел не. Меѓутоа, можеби, е добра алатка да се преполоват оние што се дрски (би им било срам да ги видат како метат.) Така што решењето за проблемот со хигиената не е техничко прашање. Тоа е прашање на лошото образование. Тоа е прашање на лошото здравство. Тоа е прашање на лошите политики – потенцира граѓанинот Кочовски. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ