Европската интеграција останува стратешка цел на Македонија, порача премиерот Мицкоски од Њујорк, но изрази незадоволство од отстапките направени во изминатите две и пол децении. Тој оцени дека фрустрацијата кај македонските граѓани е голема поради долгогодишното чекање и условувањата во евроинтегративниот процес. Премиерот истакна дека земјава продолжува да ја завршува „домашната задача“ и да ги усогласува политиките и законодавството со Европската Унија. Во Њујорк, тој говореше и за стратешкото партнерство со САД, како и за можностите за продлабочување на соработката во економијата, безбедноста и одбраната
Ние го започнавме нашето патување пред речиси две и пол децении. И, за жал, поради некои вештачки причини, не успеавме да станеме дел од ЕУ. Веројатно еден ден ќе го постигнеме овој камен-темелник. Во меѓувреме, фрустрацијата кај македонските граѓани е огромна бидејќи во минатото направивме премногу отстапки: го сменивме знамето, Уставот го сменивме неколкупати, дури го сменивме и уставното име, и сето тоа ни изгледа како приказна без крај, истакна македонскиот премиер Христијан Мицкоски во своето обраќање пред престижниот самит „Конкордија“ во Њујорк, кој се одржува паралелно со Генералното собрание на Обединетите нации.
На панел-дискусијата со грузиската заменик-премиерка Мака Ботчоришвили, премиерот Мицкоски се осврна на пречките во евроинтегративниот процес и обидите на земјите членки на ЕУ да го искористат за менување на македонскиот идентитет.
-Но, како и да е, ние веруваме во европските вредности и ќе продолжиме така, за да најдеме конечно излез од оваа заклучена ситуација во која се наоѓаме сега. За жал, некои земји членки се обидуваат да решат некои билатерални прашања и не да ги променат нашите институции, туку да го променат нашиот идентитет. И ние сме жртва на еден вид малтретирање: или сте внатре или сте надвор, а ако сакате внатре, мора да го проголтате она што го бараме од вас. Но, тоа е опцијата и нема подобра опција за мојата земја. И бидејќи нема подобра опција, подготвени сме да одиме напред и да најдеме излез од оваа ситуација, рече Мицкоски.
Сепак, премиерот смета дека има и позитивни пораки од Брисел, како пораките од самитот на ЕУ и земјите од Западниот Балкан во Тиват кои, според него, биле исклучително позитивни.
– Имаше заедничка презентација од Франција и Германија на еден документ што е неформален. Од Брисел слушаме дека на следните заклучоци на Советот, можеби овој документ би можел да стане нешто што е официјална политика на ЕУ. Ќе видиме. А во меѓувреме, ние целосно ја усогласивме нашата заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ. Нашето законодавство е помалку или повеќе усогласено со она на ЕУ. Ние не само што чекаме, ние работиме на нашиот развој, ја завршуваме нашата домашна задача, не го губиме времето, туку напротив – ова е нашиот стратешки камен-темелник и ќе останеме на тој пат напред, изјави премиерот Мицкоски.
Освен на односите со Европската Унија, премиерот Мицкоски се осврна и на стратешкото партнерство со САД и изјави дека сака да бидеме пример за американското присуство во регионот и во Европа.
– Мислам дека односите меѓу двете земји стануваат сè подлабоки со текот на времето. Имајќи ја предвид институционалната меморија, во Обединетите нации гласаме рамо до рамо со нашите сојузници, Соединетите Американски Држави, па би сакале да бидеме – и наша амбиција е да станеме – пример за Соединетите Американски Држави. Го поздравуваме американското присуство во регионот. Нека мојата земја биде пример за регионот и за Европа во име на Соединетите Американски Држави, изјави Мицкоски.
Во контекст на соработката со САД и НАТО, премиерот Мицкоски ги претстави и стратешките инфраструктурни проекти на кои работи Македонија. Тој се осврна и на позитивните економски резултати, постигнати и покрај низата кризи во Европа и на Блискиот Исток.
Македонија на местото каде што се носат важни одлуки
Премиерот Христијан Мицкоски и шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, вчера присуствуваа на отворањето на Генералното собрание на Обединетите нации.

– Учество на седницата во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации, со која претседаваше претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Момент на важни разговори и размена на ставови за прашања од глобално значење, во рамки на највисоката меѓународна платформа за дијалог и соработка, објави Мицкоски на социјалните мрежи.
Во друга објава, тој посочи дека со гордост ја претставуваат Македонија на местото каде што се носат важни одлуки за светот.
– Денеска бевме дел од отворање на Генералното собрание на Обединетите нации. Настан кој ги обединува претставниците на државите од целиот свет и претставува важна платформа за разговори за глобалните предизвици, мирот, безбедноста и иднината на меѓународната соработка. Со гордост ја претставуваме Македонија на местото каде што се носат важни одлуки за светот и каде што се градат партнерства засновани на почит, дијалог и заеднички интереси, наведува Мицкоски во објавата.
Официјална средба со Ландау
Македонскиот премиер, во понеделникот, во Њујорк оствари официјална средба со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, откако претходно разговараше и со неговиот шеф, Марко Рубио. На средбата со Ландау присуствувале и Брендан Харнахан, помошник-државен секретар за Европа и Даниел Лотон, заменик помошник-државен секретар за Европа во чиј непосреден ресор спаѓаат и балканските држави.
Премиерот објави дека е особено значајно што Владата има директен и отворен дијалог со американската администрација, и реализира средби на кои може јасно да бидат претставени македонските интереси и тие да бидат слушнати „таму каде што се разговара за важни регионални и глобални прашања”.
– Разговаравме за можностите за унапредување на соработката во повеќе области, за економскиот развој и инвестициите, безбедноста и стабилноста на регионот, како и за улогата на земјава како сојузник во НАТО и партнер кој придонесува за регионалната стабилност. Македонија денес настапува со јасно дефинирани државни интереси и со определба тие интереси достоинствено и аргументирано да ги застапува пред своите партнери. Градиме односи засновани на меѓусебна почит, доверба и конкретна соработка која треба да носи резултати за граѓаните и за државата, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.
Тој истакнува дека „нашата политика е политика на достоинство, принципи и заштита на државните интереси“.
Генералната дебата на 81. сесија на Генералното собрание на ОН ќе трае до понеделник, а светските лидери ќе дискутираат за глобалните предизвици и приоритети на темата „Обнова на довербата, управување со трансформацијата: Обединети нации што им служат на сите“.
Речиси 130 шефови на држави и влади лично ќе присуствуваат во седиштето на светската организација во Њујорк за да ја испратат својата порака до светот, а според агендата објавена на ОН, предвидено е Мицкоски в петок да има обраќање пред Генералното собрание на ОН. (В. С. Н.)
Средба со бизнис-претставници од воената индустрија на САД
Премиерот Христијан Мицкоски, во рамките на посетата на Соединетите Американски Држави, имаше средба и со бизнис-претставници од воената индустрија на САД, како и со официјални претставници од американската администрација задолжени за оваа област.

– Реализиравме низа значајни средби со претставници од американската администрација и бизнис-заедницата. Продолжуваме со посветена работа за создавање нови можности, привлекување инвестиции и градење на стратешки партнерства кои носат развој и напредок за нашата држава, објави премиерот.
Во друга објава, тој посочи дека се разговарало за потенцијални инвестиции, проширување на инвестициските планови и ставање на располагање на расположливите ресурси.
– Нашата цел е преку сериозни и долгорочни партнерства да отвораме нови можности за инвестиции, технолошки развој и јакнење на домашните капацитети. Македонија има потенцијал, ресурси и стратешка позиција кои можат да бидат основа за продлабочена соработка со Соединетите Американски Држави, во интерес на економскиот развој, безбедноста и стабилноста, вели Мицкоски.












