Случаите на инфекција со хантавирус, пренесена од човек на човек во Аргентина пред неколку децении, повторно се појавија во центарот на вниманието откако три лица починаа од вирусот на холандскиот крузер MV Hondius кој пловел од Аргентина до Капо Верде, а еден аргентински научник предупредува дека глобалната суша може да биде причина за ширењето на вирусот, објавува денес The Guardian.
Раул Гонзалез Итиг, биолог и професор на Националниот универзитет во Кордоба, рече дека верува оти зголемувањето на инфекциите е тесно поврзано со однесувањето на глодарите, истакнувајќи дека 2023 и 2024 година беа обележани со значителна суша, проследена со зголемени врнежи од дожд во следните години, што значеше поголема вегетациска покривка – а со тоа и повеќе храна за животните.
„Глобалните климатски промени менуваат сè, а ова може да доведе и до појава на случаи на хантавирус на места каде што претходно не се случиле“, рече тој.
Преносот на вирусот од човек на човек за прв пат е документиран пред 30 години во руралните заедници во Патагонија, а дотогаш се знаеше дека се шири само преку контакт со глодари.
Втора епидемија на хантавирус, исто така во Патагонија, се случи пред една деценија и даде детални докази за пренос од човек на човек, кога заразен 68-годишен земјоделски работник присуствуваше на роденденска забава во мало село, по што инфекцијата се прошири и предизвика 11 смртни случаи.
Иако сè уште не е потврдено како се заразиле патниците на крузерот, хипотезата што ја истражува Светската здравствена организација (СЗО), која веќе категорично ја отфрли можноста за појава на епидемија, е дека инфекцијата се случила пред качувањето, што ја стави Аргентина во центарот на вниманието на јавноста, наведува британскиот весник.
Тестовите врз патниците кои преживеале, исто така, потврдија дека биле заразени со сојот од Андите, единствениот сој со документиран пренос од човек на човек и кој се наоѓа главно во делови од Аргентина и Чиле.












