Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, е избран за претставник на ЗЕЛС во АРЛЕМ, Евромедитеранското регионално и локално собрание, кое ги обединува локалните и регионалните власти од земјите членки на Европската Унија и медитеранскиот регион. АРЛЕМ функционира во рамки на Комитетот на регионите на Европската Унија и претставува значајна платформа за дијалог, соработка и размена на искуства меѓу локалните власти.
– Во рамките на своите активности како претставник во ова тело, градоначалникот Георгиевски присуствуваше на 12. состанок на АРЛЕМ, што се одржа во Брисел. На состанокот беа разгледани актуелни теми поврзани со локалниот и регионалниот развој, одржливите политики, економската соработка и зајакнувањето на улогата на локалните самоуправи во евромедитеранскиот простор – соопштија од Општина Илинден.
Оттаму нагласуваат дека изборот на градоначалникот Георгиевски претставува значајно признание за неговата посветеност во унапредувањето на локалната самоуправа и отвора нови можности за Општина Илинден за вклучување во европски и меѓународни иницијативи, размена на искуства и воспоставување партнерства со општини и региони од поширокото евромедитеранско подрачје.












