петок, јуни 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Гала вечера во Шведска – македонската дијаспора силно обединета за зачувување на...

Гала вечера во Шведска – македонската дијаспора силно обединета за зачувување на идентитетот

452
Фото: ОМД Фејсбук

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) Шведска по втор пат успешно организираше Гала вечера, која оваа година се одржа на 25 април 2026 година во Малмо, обединувајќи Македонци од Шведска, Данска и пошироко. Настанот имаше двојна цел, да ги препознае и одбележи успесите на Македонците во Шведска, но и да покаже солидарност преку собирање средства за здружението „Стоп СМА“ од Битола.

Во свечена и топла атмосфера, исполнета со гордост, заедништво и хуманост, присутните гости имаа можност да уживаат во богата и внимателно подготвена програма, која ја славеше македонската култура, традиција и современи достигнувања. Вечерата започна со пристигнување на гостите и дружење, по што следеше официјален дел со поздравни обраќања и културно-уметничка програма.
Настанот беше збогатен со извонреден настап на оперската пејачка Миланка Новеска Густавсон, која ги изведе македонската и шведската химна, како и впечатливи оперски арии, внесувајќи свеченост и достоинство во отворањето на вечерта. Посебен културен печат даде фолклорната група со изведба на македонски ора и песни, пренесувајќи ја богатата традиција на нашата земја пред публиката. Публиката уживаше и во поетски интерпретации изведени од деца од библиотеката во Трелеборг, кои со својата искреност и емоција ја допреа публиката.

Во рамки на официјалниот дел, свои обраќања имаа Претседателката на ОМД Шведска, Мирјана Наумоска, како и Директорот на ОМД за Македонија и Европа, Гордан Јорданов, кои ја истакнаа важноста на заедништвото, поддршката на дијаспората и хуманитарната мисија на настанот, како и беше поздравен од ВД Амбасадор на Македонија во Данска, Илчо Талески. Дополнително, беше претставена и Шведско-македонската стопанска комора како значаен мост за економска соработка и поврзување на заедницата.
Еден од најзначајните моменти на вечерта беше доделувањето на признанија на четворица истакнати Македонци во Шведска: Стојко Ѓуровски, Елеонора Димовска, Деан Стојановски и Елена Митревска, кои беа номинирани од македонската заедница, како признание за нивниот придонес и успеси.

Вечерта беше исполнета со песна, поезија и уметност, вклучувајќи и визуелен уметнички придонес од артистката Тиана Селестад. Музичката програма продолжи со настапот на Дарја Чајковски, како и со извонредната изведба на флејта од Катерина Бачевска. Атмосферата дополнително беше збогатена со настапот на Бјонко Петерсен, кој придонесе за пријатен амбиент за време на вечерата, како и со музичката програма на Благој Ламњов. Забавниот дел кулминираше со настапот на групата „Дукат“, која ја заокружи вечерта со енергија, музика и дружење до доцните часови.

Во текот на вечерта беа организирани повеќе интерактивни квизови под мотото „Дали ја познаваш твојата Македонија?“, кои дополнително ја вклучија публиката и ја зајакнаа врската со татковината, создавајќи динамична и ангажирана атмосфера.
Хуманитарниот аспект на вечерта беше силно истакнат преку презентацијата на здружението „Стоп СМА“, претставена од Симона Јовеска, со што присутните имаа можност директно да се запознаат со нивната мисија и да дадат свој придонес во поддршка на децата кои се борат со оваа ретка болест.

Гала вечерта уште еднаш покажа дека македонската дијаспора е силно обединета кога станува збор за зачувување на идентитетот, промоција на успесите и поддршка на хуманитарни каузи. ОМД Шведска останува посветена на организирање на вакви настани кои не само што ја зајакнуваат заедницата, туку и создаваат трајни вредности за идните генерации

ИЗДВОЕНИ