петок, јуни 12, 2026
Дома КОЛУМНИ ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Љубовни борби и дилеми

ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Љубовни борби и дилеми

397

Начелно гледано, во љубовта секој треба да го бара она што му одговара, ако некој е по парите – да си бара материјалистички ориентиран партнер, ако друг е по страстите – да се обиде да биде со партнер што поседува силни страсти и еротска привлечност, ако трет е по семејните вредности, моралот и верноста – да создаде заедница со посветен, одговорен и верен партнер итн. Проблемот е што не можеме да знаеме кој каков е, сè додека не бидеме заедно подолг период и добро се запознаеме еден со друг.

Нештата поврзани со сексот и страста станаа брзи, ефикасни и спонтани, така што се присутни искушенија на секој чекор, а има и многу сајтови што ја олеснуваат комуникација и овозможуваат разни познанства. Можеби, тоа предизвика некои мажи (љубители на љубовни авантури) да не покажуваат интерес за градење стабилни врски и за создавање  емоционална блискост, туку им даваат предност на жените што, исто така, покажуваат афинитет кон гениталната љубов, телесните задоволства и љубовните авантури.

Одредени мажи  сакаат партнерката да биде убава, страсна, паметна, но воедно и насочена кон семејството, чувствителна, со повисок статус, да биде претставителна и добро да заработува. Тука зборуваме за мажи што имаат повисок статус во општеството, постигнале успех во животот и се финансиски ситуирани. Но, што да кажеме за мажите што се невработени или имаат недоволно платена работа, што немаат силна семејна подлога, потекнуваат од работнички семејства, не поседуваат значајни референции, но имаат амбициозни цели?

Тоа практично го осознав преку разговор со маж на 43-годишна возраст, жител на помал град од Македонија. Иако е во сериозни средовечни години, пријателот одлучил за брачен живот да бара жена на возраст од 28 до максимум 37-годишна возраст, бидејќи, како што кажува самиот: „Со постарите имам помали шанси да зачнам дете“.

Наместо да стане свесен за своите недостатоци и слабости, тој одлучил тврдоглаво да се држи до концептот по секоја цена да најде млада, издржлива и привлечна жена, чија главна цел ќе биде да му роди неколку деца. Секоја друга опција кај него не доаѓа предвид.

Таквите определби го отвораат прашањето за тоа што се случува со жените што имаат 38 и повеќе години, дали поради постепеното губење на репродуктивната способност, тие потсвесно стравуваат дека брзо ќе им помине времето и дека, можеби, нема да создадат поколение.

Многу од нив размислуваат дали е подобро да се одлучат за партнер што иако не ги исполнува сите критериуми, сепак е подобра опција отколку да останат сами. Таквата околност неминовно им создава психолошки притисок и емоционална напнатост, кои најчесто произлегуваат од следниве причини:

  • превисоки барања и строг вредносен критериум на едниот или на другиот;
  • нереално согледување на состојбата во која се наоѓа личноста;
  • неспособност да се пронајдат заеднички цели и интереси.

Тоа подразбира дека за надминување на овие ограничувања, клучно е да постојат приспособување и толеранција на различните ставови. Доколку работат на овие нешта, двајцата ќе пронајдат решение за проблемите. Примерот што го предочивме укажува дека жената бара некој посебен маж со капацитет за успех, материјална и професионална реализација, а мажот бара млада, привлечна и плодна жена. И кога објективно ќе ги согледаме нештата, ќе заклучиме дека надворешните вредности се многу повеќе на цена отколку личните квалитети на поединецот. Во тој случај, како ќе се пронајдат мажите и жените и како ќе создадат хармонична целина? Иронијата на судбината да биде поголема, постојат прекрасни жени што имаат 38 и повеќе години, но многу од мажите не сакаат да ги забележат или одбиваат да влезат во брачни води со нив, стремејќи се кон поубави, помлади и поатрактивни партнерки.

Овие шаблони на однесување предизвикаа премногу да паѓаме на естетизираноста на телото и на симболите на моќта. Мажот ги бара убавото тело, атрактивноста и  плодноста на жената, а таа ги бара статусот, моќта и парите на мажот. Проблемот е што секој не поседува толку многу пари, физичка убавина, статус и успех во кариерата, па со нив да го освои другиот.

Наместо да трчаме по минливи нешта, многу подобро е да ја вреднуваме и цениме убавината на душата.

Затоа луѓето треба да ги потсмират мегаломанските амбиции и да бидат со партнер со кој хармонично ќе живеат и, како крајна цел, заедно ќе остарат. Најголемата радост и хармонијата произлегуваат од чувството дека во каква било ситуација, партнерот нема да нè напушти и „остави на цедило“, туку ќе биде покрај нас во критичните моменти. Но, како и за сè друго во животот, луѓето бараат брзи решенија, мислејќи дека ќе може успешно да ги моделираат нештата. Тоа е јалова работа, бидејќи недостигот на духовен квалитет и на позитивна енергија многу тешко може да се моделира.

Емпатијата и љубовните вибрации со кои влегуваме во брак треба постојано да се одржуваат, зашто со текот на времето нештата квалитативно опаѓаат. Пред да се влезе во брак, неопходно е да постои што повисоко ниво на  сродност и посветеност, зашто со новите обврски и семејни побарувања, може да опадне интензитетот на љубовната блискост и посветеност. Затоа многумина сметаат дека подобро функционирале во предбрачната врска отколку кога формирале брачен однос. Во тој случај, клучно е партнерите да иницираат сродност и блискост на повисоко ниво, да најдат заеднички интерес, па дури тогаш да се надеваат дека успешно ќе го одржуваат односот.

Поентата е да направиме секој ден да ни биде посебен, да уживаме во партнерството, заедно да шетаме, убаво да се чувствуваме, да разговараме и да си посветиме време еден на друг.

Најголема вредност е да научиме да уживаме во мигот, да не се стегаме и да не дозволиме надворешните влијанија да нè оддалечат од љубовните задоволства. Треба да бидеме среќни ако ужива партнерот во ритуалното пиење чај или кафе, а не токму тогаш непотребно да го праќаме некаде или да му наредуваме да чисти пајажина со метлата. Убаво е ако размислуваме и за туѓата потреба, зашто со преголемата свртеност кон себе, нужно се лепиме за песимистичкиот шаблон: „Сè уште не ми докажал дека толку многу ме сака и не прави да се чувствувам особено“. Негативната перцепција не може да донесе ништо добро, освен што создава емоционален отров и незадоволство од состојбата во која се наоѓа личноста.

Нештата мора постојано да се градат и да се вложува во препознавањето и подигањето на добрите страни од врската.

Најклучни се верноста, почитта и посветеноста, бидејќи тие се темелот на љубовта, а не дали е подготвен партнерот во секој момент да го фрли сметот во контејнер, дали оди во продавница да купи вода, дали поминува со правосмукалка или чисти со метла. И тоа треба да се направи, но сè си има свое место и свое време, така што ако не навалуваме и не инсистираме во секој миг да се слуша исклучиво нашето, тогаш шансите на љубовта максимално се зголемуваат. Треба да ја почитуваме туѓата различитост и да научиме да го прифаќаме карактерот на другиот (особено ако не ја загрозува хармонијата на нашата личност), а не постојано да се жалиме и да бараме тој да нè одоброволува и прави среќни. Тоа е културолошка болест на 21 век, која предизвика луѓето постојано да се потпираат на надворешните влијанија наместо да работат на себе, да ги воздигнуваат сопствените вредности и да ги почитуваат туѓите заложби и посебност.

ИЗДВОЕНИ