Вештачката интелигенција сè повеќе ја трансформира модната индустрија, овозможувајќи им на брендовите да креираат реалистични слики од виртуелни модели за своите онлајн продавници – по цена што е и до 90 отсто пониска од онаа за традиционалните фотосесии.
Сепак, оваа технологија предизвика загриженост во модната индустрија. Недостатокот на соодветна правна регулатива остава простор за неовластено користење на ликот на моделите, креирање дигитални реплики без дополнителен надомест, како и за потенцијална замена на човечките модели со целосно вештачки ликови. Во разговори со раководители од 15 агенции за модели и преку анализа на повеќе од десет доверливи договори за фотосесии, „Ројтерс“ откри дека некои модни брендови барале права за менување на лицата и телата на моделите со помош на вештачка интелигенција, за креирање дигитални реплики, како и за користење на нивните фотографии за обука на алатки за вештачка интелигенција.
Меѓу компаниите чии предлог-договори беа анализирани се „Дизел“ (Diesel), „Калвин Клајн“ (Calvin Klein) и „Лореал“ (L’Oréal). Овие компании изјавија дека ги истражуваат потенцијалните примени на новата технологија, при што некои нагласија дека не користат вештачка интелигенција на начин што го менува изгледот на моделите.
„Ако не проговориме за ова, за две години целата индустрија би можела да се сведе на ботови“, предупреди моделот Адот Гак, која живее во Лондон и има работено со истакнати модни куќи.
Последиците веќе се чувствуваат. „Заландо“ (Zalando), еден од најголемите европски онлајн трговци со мода, ја прошири употребата на вештачка интелигенција при креирањето рекламни содржини, а минатата година ги затвори и двата свои фотографски студија во Берлин. „Абаут ју“ (About You) – компанија што е во сопственост на „Заландо“ – исто така го затвори своето студио.
„Абаут ју“ сега развива деловна активност фокусирана на креирање дигитални модни фотографии со помош на вештачка интелигенција, ветувајќи намалување на трошоците за продукција за повеќе од 90 отсто.
Додека некои брендови веќе интензивно користат виртуелни модели, луксузните модни куќи ѝ пристапуваат на технологијата со поголема претпазливост. Од „Монклер“ (Moncler) изјавија дека моментално не користат модели генерирани од вештачка интелигенција на својата веб-страница или во своите рекламни кампањи.
Посебен проблем претставува отсуството на јасни правила во однос на сопственоста врз дигиталните реплики и начинот на нивно користење. Во Њујорк, почнувајќи од јуни 2025 година, на брендовите им се забранува да креираат или менуваат дигитални реплики на модели без нивна изречна согласност. Претставници од индустријата предупредуваат дека слични заштитни механизми сè уште не се доволно развиени во многу други земји, додека моделите ризикуваат уште во рана возраст да се откажат од одредени права – права што би можеле да влијаат врз нивните кариери дури и години подоцна.
Експертите посочуваат дека вештачката интелигенција овозможува значителни заштеди за модните компании, но истовремено покренува загриженост во однос на приватноста, авторските права и личните права, како и во однос на иднината на работните места во модната индустрија, пренесува Ројтерс.












