Германскиот ракометен гигант, Фленсбург, го потврди ангажманот на португалските репрезентативци, браќата Мартим и Кико Кошта, кои потпишаа долгорочни договори со него до 2032 година. Тие ќе му се приклучат од летото 2027 година.

Со доаѓањето на браќата Кошта, Фленсбург не добива само двајца врвни ракометари туку и тандем што со години настапува заедно и одлично се надополнува на теренот. Заедно со Французинот Ајмерик Мин, на бековската тројка на Фленсбург за следната сезона се гледа како на една од најдобрите во светот.

– Ангажманот на Мартим и Кико е нешто особено за нас. И покрај тоа што се исклучително млади ракометари, тие покажаа голем квалитет. Тие носат динамика, креативност и голема амбиција. Од разговорите со нив разбрав дека совршено се вклопуваат во нашата средина. Среќни сме што заедно го избраа Фелнсбург и убедени сме дека ќе ја збогатат нашата екипа и на теренот и надвор од него – изјави генералниот директор на клубот, Холгер Гландорф.

Големи очекувања од новите засилувања има и тренерот Алеш Пајовиќ.

– Мартим и Кико се меѓу најдобрите ракометари на својата генерација. Поседуваат огромен квалитет, ракометна интелигенција и страст, а и покрај тоа што се многу млади, имаат големо меѓународно искуство. Воедно, тие се скромни и гладни за успех, особини што совршено се вклопуваат во филозофијата на нашиот клуб – истакна тренерот Алеш Пајовиќ.

Португалците се докажаа на највисоко ниво, како во клупскиот ракомет така и во дресот на португалската репрезентација, а нивниот трансфер претставува јасен показател за големите амбиции на германскиот клуб. Воедно, нивните потписи ја потврдуваат долгорочната стратегија на Фленсбург, кој сака да изгради конкурентен тим, способен да се бори за најголемите трофеи во Германија и во Европа во наредните години.

Браќата Кошта потекнуваат од Карваљос и четири години го носеа дресот на Порто, до 2021, кога заедно со својот татко, во пакет се преселија во Спортинг Лисабон.

 

 

ИЗДВОЕНИ