петок, септември 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Филипче: Поднесуваме закон за минимална плата од 600 евра

Филипче: Поднесуваме закон за минимална плата од 600 евра

11

СДСМ и коалицијата вчера по третпат го поднесуваат предлог-законот за зголемување на минималната плата на 600 евра, односно 36.960 денари, изјави лидерот на партијата Венко Филипче.

Филипче оцени дека сегашната минимална плата од 26.000 денари е недоволна за достоинствен живот, особено поради кризата, високите цени на горивата и растот на цените на прехранбените производи.

Тој посочи дека над 70 проценти од работниците во земјава живеат со примања меѓу минималната и просечната плата, додека синдикалната кошница изнесува близу 70.000 денари. Со трошоците за кирија или кредит за стан, таа надминува 90.000 денари.

Според Филипче, сегашната минимална плата покрива едвај 31 до 37 проценти од вкупните трошоци на едно семејство. Само за прехранбени производи и безалкохолни пијалаци се потребни околу 25.000 денари.

Тој додаде дека дополнителните трошоци за школски прибор, транспорт, облека и здравство дополнително го оптоваруваат семејниот буџет.

„Практично, нашите работнички семејства не можат да го преживеат месецот“, рече Филипче.

Тој објасни дека финансирањето на зголемувањето на минималната плата може да се обезбеди преку кратење на луксузните буџетски трошоци, како што се набавките на мебел, автомобили и патни трошоци на функционерите.

За приватниот сектор, СДСМ предлага субвенционирање на придонесите со цел зголемувањето на минималната плата да не претставува дополнителен товар за компаниите.

Филипче посочи дека сличен модел на поддршка бил применуван од владите на СДСМ за време на ковид-кризата, кога, како што рече, платите и пензиите континуирано растеле, а со над две милијарди евра била обезбедена поддршка за компаниите за зачувување на работните места.

ИЗДВОЕНИ