Управата за јавни приходи, во соработка со Министерството за финансии, е во напредна фаза од воведувањето на системот за е-фактура, а задолжителната фазна примена треба да започне во текот на 2027 година, најави директорката на УЈП, Елена Петрова.
До крајот на 2026 година се очекува да биде донесен законот, да заврши имплементацијата на софтверот и хардверската инфраструктура и да започне доброволното користење на е-фактурата. Петрова ова го посочи на панел-дискусијата во рамките на „Охрид 2026“, посветена на даночните приходи, даночниот јаз и борбата против неформалната економија.
Според Петрова, една од најголемите промени ќе биде начинот на кој УЈП ќе ги добива и обработува податоците. Наместо агрегирани податоци од даночните пријави, Управата ќе располага со структурирани информации за секоја трансакција и фактура – за продавачот, купувачот, артиклите и другите даночни показатели.
Клучна промена ќе биде и достапноста на податоците во реално време. Додека сега информациите преку даночните пријави се добиваат по истекот на даночниот период, со е-фактурата тие ќе бидат достапни веднаш по издавањето на фактурата.
Тоа, како што посочи Петрова, ќе овозможи дел од даночните контроли да се автоматизираат, со што ќе се намали можноста за грешки и доставување неточни податоци.
Со вкрстување на податоците од е-фактурите со информациите од банките, Царината, фискалните уреди и други извори, УЈП ќе има подобри можности за анализа на ризици, откривање сомнителни трансакции и препознавање невообичаени шеми меѓу компаниите.
Петрова нагласи дека дигитализацијата нема веднаш да ги елиминира обидите за даночно затајување, но значително ќе го намали просторот за прикривање трансакции и ќе го олесни нивното откривање.
Целта е УЈП постепено да се трансформира во даночна администрација чие работење и носење одлуки ќе се темелат на податоци и анализа












