петок, септември 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА „Трошоците се исти за сите“, пензионерите бараат еднаков износ на зголемување

„Трошоците се исти за сите“, пензионерите бараат еднаков износ на зголемување

48

Пензионерите бараат идните зголемувања на пензиите да бидат линеарни наместо процентуални, односно сите пензионери да добиваат ист износ на зголемување. Барањето денеска ќе му го претстават на министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, од кого очекуваат прашањето да биде регулирано со закон.

Од Иницијативниот одбор за линеарно зголемување на пензиите велат дека разликите меѓу пензиите се веќе утврдени при нивното пресметување, зависно од работниот стаж, образованието, работното место и други критериуми.

Претседателот на Иницијативниот одбор на пензионерите од Охрид и Дебрца, Кирил Јосифовски, смета дека по заминувањето во пензија, сите пензионери се соочуваат со исти трошоци за живот.

„Главните параметри за формирање на пензијата, како работниот стаж, школската спрема и работното место, се опфатени и вградени во решението за соодветната пензија. Врз основа на тие критериуми има пониски, средни и повисоки пензии. Но, по одењето во пензија, никој пензионер не одвојува и не вложува ништо понатаму – сите пензионери сме еднакви“, вели Јосифовски.

Тој најави дека од министерот ќе побараат законски да се уреди линеарното зголемување на пензиите, со цел таквиот модел да се применува и при следното мартовско усогласување.

Од Иницијативниот одбор сметаат дека процентот на усогласување може да се утврдува според растот на трошоците за живот, но средствата предвидени од буџетот треба да се распределат рамномерно меѓу сите пензионери.

Трајче Станојков од Свети Николе вели дека пензионерите не се против процентуалното усогласување, но бараат износот на зголемувањето да биде еднаков за сите.

„Не може 3 отсто да му се даде на оној што има 90 илјади денари пензија и да го наградиме со 3.000 денари, а да го казниме оној што едвај дошол до 18 или 20 илјади денари пензија и само за 600 денари да му се усогласи со животниот трошок“, вели Станојков.

Од Иницијативниот одбор побараа и оставка од претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Станка Трајковска, поради нејзиниот став против линеарното зголемување.

По две години во кои пензионерите добиваа ист износ на зголемување, од септември повторно се применува процентуално усогласување според движењето на платите и трошоците за живот.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека септемвриското усогласување ќе се спроведе согласно со законскиот механизам, додека конечниот процент сè уште се пресметува.

Пензиите законски се усогласуваат двапати годишно – на 1 март и 1 септември. При процентуалното усогласување, висината на зголемувањето зависи од претходниот износ на пензијата, што значи дека пензионерите со повисоки пензии добиваат и поголемо зголемување во денари.

Септемвриското усогласување се однесува на пензиите за септември, кои пензионерите ќе ги добијат во октомври.

ИЗДВОЕНИ