Ако американската тенисерка Аманда Анисимова се смета за една од двете или трите најдобри тенисерки во светот на бетон, тогаш што може да се каже за Викторија Mбоко од денеска? Феноменалната 19-годишна Канаѓанка целосно ја надигра Американката, победувајќи ја со 6:4, 6:1 во осминафиналето на ВТА 1.000 во Индијан Велс.
Како „награда“ за овој подвиг, десеттата тенисерка во светот доби средба со најдобрата – и на планетата и на бетон, Белорусинката Арина Сабаленка. За Канаѓанката родена во САД, ова е четвртата победа над ривалка од првите десет оваа година. Таа си направи име ова лето, кога триумфираше на мастерсот во Канада и покрај тоа што настапи со вајлд карта.
– Многу работи ми се случуваат по првпат во животот, голема привилегија е да играм против противници од првите десет –истакна таа пред реваншот со Сабаленка, од која неодамна загуби во Мелбурн.
Сепак, епитетот „изненадување на денот“ не ѝ припаѓа на победата на Mбоко. Тоа го направи Талија Гибсон, 21-годишна австралиска тенисерка која се наоѓа на 112. место на ВТА-листата, забележа уште една голема победа. Таа ја елиминираше Јасмин Паолини, која е рангирана на седмо место во светот, со 7:5, 2:6, 6:1.
– Немам зборови – рече Гибсон, која веќе скокна 45 места и има шанса да го продолжи своето искачување. Победа над Линда Носкова, број 14 од Чешка, би ѝ овозможила да се искачи дури на 55. место. Таа е најмладата тенисерка која успеала да стигне до четвртфиналето на ВТА 1.000 во своето деби од 2019 година, кога тоа го направи Јелена Рибакина во Вухан.












