Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, на 20 мај (20 часот) во соработка со Град Скопје се отвора изложбата „Професори и студенти“ на која ќе се претстави и Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет -Скопје.

Во проектот (изложбата) која годинава е на тема „Образовна екологија: помеѓу менторството, трансдисциплинарноста и современата уметност“ ќе учествуваат голем број факултети од областа на визуелните уметности и дизајнот каде што студентите заедно со нивните ментори ќе ги изложат своите дела пред јавноста. Меѓу учесниците покрај Европскиот универзитет -Скопје, годинава се и професори и студенти од Интернационален балкански универзитет, Универзитет “Мајка Тереза” – Скопје, Американски универзитет на Европа – ФОН и Ликовна академија Универзитет “Гоце Делчев”- Штип.

Од Европскиот универзитет –Скопје на изложбата ќе бидат присутни проф. д-р. Гордана Вренцоска со студентите Исабелле Спасевска и Андреј Ристевски, проф. м-р. Александар Рашковиќ и студентката Марија Роглева, проф. д-р. Јана Манева-Чупоска и Благица Николова, доц. м-р. Марија Рашковиќ и Анастасија Ефтова, проф. м-р. Благојче Наумоски со студентите Матеја Јанковиќ и Ивана Славковска, како и проф. м-р. Страхил М. Петровски со Емилија Спасовска.

Според пропозициите, секој професор учествува со по едно дело, најмногу со двајца студенти.

-Секоја епоха создава сопствен модел на уметник, а со тоа и сопствен модел на уметничко образование. Начинот на кој една култура ги образува своите млади автори секогаш претставува одраз на нејзините пошироки интелектуални, политички и технолошки состојби. Денес, во услови на радикално променета визуелна реалност, глобална комуникација и постојано поместување на дисциплинарните граници, прашањето за односот помеѓу професорот и студентот станува особено чувствително и суштинско. Токму затоа, поимот „образовна екологија“ во контекст на изложбата „Професори и студенти“ не се однесува само на институционалната структура на уметничкото образование, туку на еден многу покомплексен систем на односи, размена и взаемни влијанија. Како и секој екосистем, и образовниот простор функционира преку динамични релации помеѓу различни генерации, методологии, дисциплини, медиуми и искуства. Во него знаењето не се движи линеарно и еднонасочно, туку постојано циркулира, се преиспитува, се адаптира и се трансформира во согласност со новите културни и технолошки услови, вели д-р Ана Франговска, историчар на уметност и куратор на изложбата.

Организацијата и концепцијата на изложбата е на проф. м-р Страхил Петровски, визуелен и мултимедијален уметник, а дизајнот е на Петар Новковски.

Изложбата ќе биде отворена до први јуни годинава.

ИЗДВОЕНИ