сабота, ноември 14, 2026
Дома КУЛТУРА Триесет и четврти „Скомрахи“ под мотото „Дали ни е гајле?“ од денеска...

Триесет и четврти „Скомрахи“ под мотото „Дали ни е гајле?“ од денеска до 18 ноември

2

Студентските средби „Скомрахи“ и годинава во Скопје ќе ги обединат студентите од повеќе европски драмски академии.

Од денска до 18 ноември, под мотото „Дали ни е гајле?“, публиката ќе има можност да проследи претстави на студентите од Словенија, Србија, Црна Гора, Белгија и од Украина, заедно со претставата на ФДУ – Скопје.

Театарската програма почнува денеска, во Македонскиот народен театар, со претставата „Дома“ од Људмила Разумовска, во изведба на студентите по актерска игра на ФДУ – Скопје, во класата на доц. м-р Ангелчо Илиевски. Програмата продолжува со претставите „Кралот Лир“ од Љубљана, „Патувачкиот театар Шопаловиќ“ од Нови Сад, „Женска гардероба“ од Цетиње, „Сакамразвод“ од Антверпен и „Чекајќи го Бекет“ од Киев.

Покрај театарската програма, во рамките на средбите ќе се одржат разговори за претставите, работилници, предавање, промоција на списанието „Арс академика“ и музичка програма. Годинава почнува и програмата „Скомрах размени“, која вклучува заеднички активности со студентите од Факултетот за ликовни уметности и од Архитектонскиот факултет.

Програмата на „Скомрахи“ ја курираат и реализираат актуелните студенти на ФДУ – Скопје. Под мотото „Дали ни е гајле?“, тие отвораат простор за прашања што ги засегаат младите денес и за театар што зборува за светот во кој живееме.

ИЗДВОЕНИ