Германските вооружени сили се одлучија за потег што е донекаде неочекуван во маркетиншка смисла. Наместо да се претставуваат исклучиво преку воени вежби, саеми и кампањи за регрутирање, од Бундесвер сакаат да станат препознатлив бренд преку производи што можат да се користат во секојдневниот живот.
Така, новата онлајн продавница нуди низа предмети со воени мотиви – од облека до шолји – но еден производ особено се издвои. Станува збор за мала гумена патка облечена во камуфлажна воена опрема, која држи минијатурна автоматска пушка. Иако на прв поглед може да изгледа како шега, оваа патка е официјален промотивен производ на Бундесвер.
Според „Еуроњуз“, таа набрзо стана еден од најбараните артикли во новата продавница, па накратко по лансирањето, залихите беа целосно распродадени.

Интересот за продавницата, наводно, ги надминал очекувањата, што довело до технички потешкотии веднаш по нејзиното отворање. Се чини дека воениот маркетинг може да привлече внимание дури и надвор од вообичаените кругови на луѓе заинтересирани за вооружените сили.
Зад оваа необична понуда се крие посериозна цел. Бундесвер сака да ја зголеми својата видливост во јавноста, да ја подобри перцепцијата за војската и да изгради поцврста врска со граѓаните, особено со помладите генерации. Ова е дел од пошироките напори на германските вооружени сили да привлечат нови регрути и да го зголемат бројот на припадници во своите редови.
Преку продажба на производи со воени мотиви, Бундесвер се стреми да биде поприсутен во секојдневието на граѓаните, наместо да се појавува само за време на официјални настани или кампањи за регрутирање. Овие неконвенционални промотивни предмети служат и за привлекување внимание на социјалните мрежи, каде што веста за „вооружената“ гумена патка брзо се прошири.
Критичарите предупредуваат на тривијализирање на воената служба. Сепак, оваа нова маркетинг-стратегија не наиде на општо одобрување. Критичарите тврдат дека продажбата на забавни производи со воени мотиви може да ја банализира сериозноста на воената служба, како и реалните последици од вооружените конфликти. Особено е спорно прикажувањето на оружјето и воената опрема како дел од секојдневниот начин на живот.
Меѓу критичарите се и претставници на германската партија „Левица“ (Die Linke), кои сметаат дека ваквиот пристап придонесува кон сè поголема нормализација на војската во секојдневието. Нивната загриженост се состои во тоа што границата помеѓу информирањето на граѓаните за војската и нејзиното претставување како забавен потрошувачки бренд постепено се брише.












