Во подготовката на Буџетот за 2027 година се појде од определбата на Владата да нема промена во даночните стапки, што наметна внимателно планирање на приходите и расходите. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во „Колегиум„“ на ТВ Алфа.
„Кога се подготвуваше Буџетот за 2027 година ја имавме предвид определбата на Владата, со Програмата од 2024 година, дека нема промена на даночните стапки. Тоа значи дека во такви услови мора да дефинирате одредени лимити или граници и во рамки на тие граници треба да проектирате. Истовремено да ги земете предвид законските обврски кои наложуваат да биде секогаш приоритет. Така што платите се секогаш приоритет, пензиите апсолутно. Понатаму, она што е исто така многу важно и нас ни беше приоритет социјалните надоместоци. Здравствената заштита која во Предлог буџетот има зголемување за 64 милијарди денари. И тоа се сега оние први приоритети. Но тука се и субвенциите, дали станува збор за земјоделството, студентите, студентскиот оброк. Проектот МојДДВ, каде што исто така се трансферираат средства кон граѓаните. Така што тоа се тие законски обврски коишто мораше да ги испроектираме во Буџетот”, посочи министерката за финансии.
Таа додаде во подготовката исто така е посветено многу големо внимание и на капиталните расходи, но потенцира дека она што е клучно и приоритет е фискалната консолидација.
„Тоа значи дека полека да го остваруваме она што сме го ветиле и пред граѓаните и пред Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд, меѓународните кредитори, тоа е постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг во рамки на она што значи 60% од БДП. За нас приоритет е јавните финансии да бидат стабилни”, наведе министерката Димитриеска-Кочоска.
Се осврна на обврските кои доспеваат за враќање следната година и задолжувањата. При тоа потенцира дека е важно за што се потрошени средствата и посочи на активности коишто се одвиваат денеска во делот на реализација на проекти како училишта, во патната инфраструктура и слично.
„Огромна е разликата помеѓу долговите кои што јас сега морам да ги вратам. И во однос на тоа што можеби некој во иднина ќе враќа долгови, но треба да знаеме зашто ги враќа“, рече министерката.
Во гостувањето потенцираше дека стабилноста на Владата и позитивните економски показатели се важни фактори за довербата на инвеститорите, посочувајќи го растот на БДП од 4,3 проценти во вториот квартал од 2026 година.
Осврнувајќи се на податоците за вкупните пријавени обврски, министерката посочи дека е неопходно да се прави разлика меѓу обврските на централната власт и обврските на општините, јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост.
Таа нагласи дека секој субјект има свои законски утврдени обврски и дека централната власт не може да презема и исплаќа долгови на други институции и претпријатија без соодветен законски основ.
При тоа потсети дека државата може да има обврска да исплати долг на одредено претпријатие доколку претходно има издадено државна гаранција за конкретен кредит и дојде до нејзино активирање.












