Русија нема да поставува услови за европските земји во однос на составот на нивните преговарачки тимови, но сепак, би било корисно да се разговара со европските претставници за да се процени во која мера нивниот став би можел да придонесе за мирно решавање на војната во Украина, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Не можеме и не сакаме да поставуваме услови во врска со нивната преговарачка група. Поставувањето на прашањето на таков начин е целосно погрешно“, рече Песков, пренесуваат руските медиуми.
Тој посочи дека би било подобро да се разговара со европските претставници за да се утврди во која мера нивниот став би можел потенцијално да придонесе за мировниот процес.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претходно изјави дека Европа ќе испрати тим од дипломати – составен од претставници на Европската унија и пет поединечни држави – на следната рунда преговори во врска со Украина.
Тој прецизираше дека Европа ќе биде претставена од функционери од Европската унија, како и од пет нации кои припаѓаат на „Коалицијата на подготвените“: Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија и Полска.
Дводневни преговори меѓу делегациите на Русија, САД и Украина се одржаа зад затворени врати во Абу Даби на 10 и 11 ноември.
Страните постигнаа договор за нова, голема размена на затвореници меѓу Русија и Украина.
Во четвртокот, рускиот претседател Владимир Путин се сретна во Кремљ со пратениците на американскиот претседател, Стив Виткоф и Џаред Кушнер. По средбата во Москва, американските претставници отпатуваа во Даблин, каде што се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски и одржаа консултации со советниците за национална безбедност од Украина, Германија, Италија, Европската унија, Франција, Ирска и Полска.












