Публиката ќе има можност премиерно да ја види претставата „Ова е само крајот на светот“, семејна психолошка драма во режија на Теа Беговска, на сцената на Драмски театар Скопје на 7 март, во 20:00 часот. – Кога самиот свет секојдневно е на некаков крај, во војна и пред војна, ние, еве, правиме уште една војна на сцена – психолошка, и тоа во смисла крај на оние релации со најблиските. А крајот на комуникацијата со најблиските може да стане многу страшен – вели режисерката Беговска

 

– Колку може да стане опасно одложувањето на вистината? Ако не комуницираме дома и ако не го кажеме проблемот дома, тогаш каде би го кажале на друго место?… Токму на овие прашања одговара претставата „Ова е само крајот на светот“, семејна психолошка драма во режија на Теа Беговска, која публиката ќе има можност премиерно да ја види на сцената на Драмски театар Скопје на 7 март, во 20:00 часот. Претставата е и прва продукција за 2026 година, кога оваа театарска куќа слави 80 години постоење.

Режисерката Беговска, на вчерашната прес-конференција, посочи дека станува збор за драма на францускиот автор Жан-Лик Лагарс напишана во 1995 година, како и дека текстот првпат се поставува во Драмски театар Скопје.

– Кога самиот свет секојдневно е на некаков крај, во војна и пред војна, ние, еве, правиме уште една војна на сцена – психолошка, и тоа во смисла крај на оние релации со најблиските. А крајот на комуникацијата со најблиските може да стане многу страшен. Се потрудивме да направиме нешто што би сакале да зборува со публиката на еден полудокументаристички начин. Како да е дојдена публиката дома кај оваа фамилија и да се соживее, да се идентификува со нејзините проблеми – вели Беговска.

Во претставата играат: Стефан Вујисиќ како Луис, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска како Мартина, Александар Степанулески како Антонио, Сара Климоска како Сузана и Ања Митиќ како Катарина.

Во фокусот на претставата е семејна средба што трае еден ден и остава траги за цел живот. По дванаесет години, Луис се враќа дома. Доаѓа со причина што не се кажува лесно, а, можеби, и не може да се каже. Околу него – мајката, братот, сестрата и снаата, сите подготвени за разговор, но секој заробен во сопствениот начин на љубов, грижа и одбрана. Зборовите се судираат, молчењето станува погласно од викотниците, а времето постојано се лизга напред и не чека никого.

Како што посочува Беговска „Ова е само крајот на светот“ е активна, современа, длабоко емотивна тема во која членовите на семејството се толку блиску еден до друг физички, а секој живее во својата вселена.

Од медиумски аспект, претставата е хибрид на театарски и на филмски елементи што ќе ги следи публиката преку видеопроекции.

Актерката Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, која го игра ликот на мајката, вели: „Претставата е еден емоционален ролеркостер во кој гледачите во час и половина ќе може да ја почувствуваат илузијата на едно семејство и да посведочат како со премолчување семејството ги споделува работите, најчесто со одложување на вистината. Ова не е специфично семејство, ова е семејство како и секое друго“.

Сценограф и костимограф на претставата е гостинката од Бугарија, Надја Василева-Ковачовска.

– Секој од нас носи премолчени вистини што е тешко да се споделат и навистина настапува крај на светот точно во тој миг, кога ќе престанеме да опстојуваме со блискиот, кога не можеме да најдеме пат, колку и да се сакаме, да зборуваме за болните нешта – вели Василева-Ковачовска.

Музиката е на Енес Беговски, оператор на камера е Велемир Стојановски, видеооператор е Матеј Трајковски, а технички координатор на техниката е Михаил Узунов.

Првата реприза на претставата „Ова е само крајот на светот“ е закажана на 12 март, а наредната изведба на редовниот репертоар на Театарот ќе биде на 21 март. (Д. Т.)

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ