На Македонија ѝ треба цел век за да го достигне европското ниво во заштитата на животната средина, додека загадениот воздух и лошото управување со отпадот и водите остануваат сериозен проблем. Само две од шесте мерни станици во Скопскиот Регион (Скопје и Миладиновци) испорачуваат податоци, а усогласеноста со европските стандарди за собирање и пречистување на отпадните води изнесува само 13 %.

Во меѓувреме, и македонските компании ќе мора да вложуваат во еколошки стандарди ако сакаат да бидат конкурентни на европскиот пазар, но засега само дваесетина го применуваат стандардот ИСО 14001 за заштита на животната средина. Затоа што без функционални системи, редовни мерења и доследно спроведување на законите, приближувањето кон европските стандарди ќе остане бавен процес, а последиците од загадувањето ќе продолжат да ги чувствуваат граѓаните и економијата

 

На Македонија би ѝ биле потребни околу 100 години за да го достигне нивото на Европската Унија во заштитата на животната средина, покажуваат податоците до кои дошло Здружението за истражување и анализи на Македонија – ЗМАИ. Иако според уделот на заштитените подрачја земјава е релативно блиску до европските земји, проблемите на терен остануваат сериозни. Лошото управување со националните паркови и другите заштитени области, загадениот воздух, недоволното пречистување на водите и нефункционалното управување со отпадот се меѓу најголемите слабости.

Особено загрижувачки е податокот дека на 100.000 жители доаѓаат 222 предвремени смртни случаи поврзани со изложеност на прекумерно загадување со ПМ-честички. Воздухот во повеќе градови редовно е загаден, а граѓаните не секогаш можат да добијат целосна слика за неговиот квалитет. Според податоците од Државниот мониторинг систем при Министерството за животна средина и просторно планирање, од шесте мерни станици во Скопје и во Миладиновци, мерења се достапни само од станиците во Центар и Карпош. Во исто време, покачени концентрации на ситни ПМ2,5 честички се бележат во Куманово, Тетово, Велес, Прилеп и Битола, но и во други делови од земјата. Кога мерните станици не работат или не испорачуваат податоци, потешко е да се следи состојбата и да се утврди дали преземените мерки даваат резултати.

Според ЗМАИ, единственото позначајно подобрување во заштитата на животната средина е поврзано со развојот на обновливите извори на енергија. Но, за вистински напредок се потребни многу повеќе мерки: побрзо ширење на производството на струја од сонце и ветер, подобра енергетска ефикасност, намалување на загадувањето од домаќинствата, индустријата и сообраќајот, како и целосна реформа на системот за управување со отпадот. Посебен приоритет треба да бидат собирањето и пречистувањето на отпадните води, бидејќи, според анализата, усогласеноста на земјава со европските стандарди во оваа област изнесува само 13 %.

Проблемите со животната средина не се однесуваат само на институциите и домаќинствата, туку и на бизнис-секторот. Македонските компании ќе мора да вложуваат во еколошки стандарди ако сакаат да останат конкурентни и да го прошират присуството на европскиот пазар. Од Стопанската комора предупредуваат дека Европската Унија сè поголемо значење им дава на правилата за заштита на животната средина, поради што фирмите треба навреме да ги приспособат своите процеси на работа.

Меѓу важните стандарди е ИСО 14001, кој им помага на компаниите да го контролираат влијанието на своите активности врз природата. Тој опфаќа систематско следење на создавањето отпад, потрошувачката на енергија и користењето на природните ресурси. Неговата примена може да им помогне на фирмите да ги намалат непотребните трошоци, подобро да ги организираат процесите и да ја зголемат довербата кај деловните партнери.

Но, бројките покажуваат дека примената на ваквите стандарди во земјава сè уште е ограничена. Според сопствениот регистар на Стопанската комора, околу 160 до 170 компании го имаат воведено стандардот ИСО 9001 за управување со квалитетот, додека бројот на фирми со ИСО 14001 се проценува на само дваесетина. Во Македонија нема единствен национален регистар преку кој точно би се утврдило колку компании ги применуваат овие стандарди.

Емилија Тодоровска од Стопанската комора минатата недела посочи дека интересот за воведување на ИСО 14001 расте, но дел од компаниите сè уште се плашат од обврските и начинот на неговата примена. Според неа, за воведување на стандардот обично се потребни околу шест месеци, а трошоците се утврдуваат транспарентно, согласно со тарифникот. Таа ги охрабрува компаниите да не го гледаат процесот како дополнителен товар, туку како можност за подобрување на работењето.

Покрај ИСО 14001, компаниите можат да применуваат и други стандарди: ИСО 9001 за квалитет, ИСО 45001 за безбедност и здравје при работа и ИСО 22000 за безбедност на храната. Нивната примена може да придонесе за подобра организација, поголема грижа за вработените и производи што ги исполнуваат барањата на пазарот. За фирмите што извезуваат во Европската Унија, ваквите стандарди се сè поважни за градење доверба и одржување на конкурентноста.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ