Голем број ученици, студенти и љубители на воздухопловството, во саботата, го посетија шестиот воздухопловно-едукативен саем „Скопје ер фер 2026“, што се одржа во скопскиот Градски парк. Посетителите имаа можност одблизу да го разгледаат хеликоптерот на Хеликоптерската единица „Јастреби“ при Министерството за внатрешни работи, како и да разговараат со претставници на домашни и меѓународни авиокомпании, образовни институции, аероклубови и професионални здруженија.

Од „Авикон“ посочија дека една од главните цели на настанот е приближување на воздухопловството до младите, преку претставување на можностите за образование, стручно усовршување и професионален развој во оваа област.

На саемот учествуваа ТАВ Македонија, „Визер“, Европскиот институт за авијација од Романија, Воздухопловната академија од Белград, Глобална авијација од Грција, Глобално одржување од Бугарија, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, Дирекцијата за заштита и спасување и Воздухопловната федерација на Македонија, како и повеќе аероклубови и други организации од воздухопловниот сектор.

Преку непосредни средби со претставниците на институциите и компаниите, младите посетители имаа можност да се информираат за различните професии во воздухопловството, условите за образование и обука, како и за можностите за идно вработување во индустријата.

Организаторите оценуваат дека посетеноста и интересот на младите ја потврдуваат важноста на ваквите едукативни настани, кои овозможуваат директна комуникација со професионалците и ги доближуваат перспективите за кариера во воздухопловниот сектор до новите генерации.

 

ИЗДВОЕНИ