Дивите депонии и несоодветното одлагање на отпадот со години ја загадуваат животната средина во Источниот и Североисточниот регион. Решението се очекува преку воспоставување регионален систем за управување со комуналниот отпад, кој ќе опфати 18 општини, со централен комплекс кај светиниколското село Мечкуевци и мрежа од шест претоварни станици.
Проектот предвидува отпадот од општините да се собира и транспортира до регионалниот центар, наместо секоја локална самоуправа одделно да го решава проблемот. Претоварни станици се планирани во Штип, Виница, Берово, Куманово, Ранковце и Македонска Каменица. Со системот треба да се опфатат околу 370.000 жители, кои годишно создаваат повеќе од 112.000 тони отпад.
– Планот ги опфаќа сите аспекти на интегрирано управување со отпад. Овој систем ќе овозможи управување со отпадот според највисоките европски стандарди за зачувување на животната средина и, верувам, економска одржливост – изјави Филип Иванов, експерт за животна средина.
Предвидено е домаќинствата да го селектираат отпадот во две канти – за влажна и сува фракција, односно за рециклабилен и нерециклабилен отпад. На тој начин треба да се овозможи поголемо издвојување на материјалите што можат повторно да се искористат и да се намали количеството отпад што ќе завршува на депонија.
Регионалниот комплекс нема да биде само санитарна депонија, туку ќе вклучува и постројки за механичко-биолошки третман, селекција на материјалите, компостирање и третман на исцедокот од отпадот.
– Централниот комплекс нема да биде само санитарна депонија, туку ќе вклучува и постројки за механичко-биолошки третман, селекција на материјалите, компостирање и третман на исцедок – посочи Иванов.
Покрај изградбата на новата инфраструктура, проектот предвидува и затворање на нестандардните и дивите депонии, кои претставуваат долгорочен извор на загадување. Со тоа треба да се намалат неконтролираните места за одлагање отпад и ризиците за почвата, водата и здравјето на населението.
Воспоставувањето регионален систем е дел од напорите за модернизација на управувањето со отпадот и усогласување со европските стандарди, при што клучен предизвик ќе биде воспоставувањето функционален систем за селекција, транспорт и третман на отпадот во сите општини опфатени со проектот.












