среда, јуни 24, 2026
Дома СКОПСКА Екоактивистите кажаа „не“ за нова дозвола за „Усје“, од компанијата уверуваат за...

Екоактивистите кажаа „не“ за нова дозвола за „Усје“, од компанијата уверуваат за почитување на законските постапки 

55

Еколошките активисти од иницијативата „Стоп за Усје“ и граѓани вчеравечер протестираа пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) со барање да се почитуваат европските еколошки стандарди кога ќе се одлучува за барањето од цементарница „Усје“ (Титан групација) за обнова на А-интегрираната дозвола.

Активистите, кои и минатите месеци организираа протести за да го искажат незадоволството од загадувањето на воздухот од „Усје“, пред МЖСПП порачаа: „Не за нова дозвола по стари правила“, „Здравјето пред профитот“, „Скопје на народот, не на индустријата“.

Барањето за обнова на дозволата е поднесено и објавено на 22 мај, на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање и е доставено до Општина Кисела Вода и до Град Скопје, по што течеше едномесечниот рок за увид во барањето и за поднесување забелешки за постапката за обновување на дозволата.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, во телевизиско гостување посочи дека законскиот рок за поднесување забелешки траеше до 22 јуни и дека во првата недела од јули ќе се одржи јавна расправа.

Како што рече, барањето е поднесено уредно и според актуелниот закон, дека тече постапката и дека треба да заврши во март, но дозволата ќе биде обновена според новиот Закон за контрола на индустриските емисии, кој треба да стапи во сила во септември идната година. Новиот закон предвидува построги еколошки стандарди, кои ќе важат и за сите оператори со А-дозволи.

Министерот Хоџа соопшти и дека се подготвува регистар на индустриските капацитети што поседуваат А-интрегрирана дозвола и оти тие се обврзани да го информираат МЖСПП, кое ќе ги објавува мерењата на својата веб-страница.

Од „Титан Усје“  нагласија дека, како прва компанија во Скопје што добила А-интегрирана еколошка дозвола и една од првите во државата, уште тогаш ја потврдиле својата определба за примена на највисоките стандарди во индустријата. Посочуваат дека се во постојан инвестициски циклус за модернизација и унапредување на процесите.

Притоа, наведуваат дека компанијата доследно, навремено и транспарентно ги спровела сите постапки и активности предвидени со процедурата за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола и оти апликацијата е јавно достапна и ставена на увид на сите заинтересирани страни.

– „Титан Усје“ строго ги почитува сите обврски што произлегуваат од важечката регулатива и останува целосно посветена на усогласувањето со сите идни законски решенија што ќе стапат во сила. Компанијата со големо внимание ги следи сите законски промени и во меѓународното и во домашното законодавство и континуирано инвестира во нова технологија за да може да се усогласи со регулаторните барања – децидни се од цементарницата.

Велат дека во изминатите 15 години инвестирале 29 милиони евра во модернизација и заштита на животната средина, инвестирале во современи технологии и опрема за заштита на животната средина, вклучително и најсовремени системи за филтрација и независен систем за континуирано следење на емисиите.

– Резултатите од редовните и контролните мерења потврдуваат дека сите параметри се во рамките на законски пропишаните вредности, при што дел од нив континуирано се повеќекратно пониски од максимално дозволените лимити. Преку континуирани инвестиции во технологијата и управувањето со процесите, „Титан Усје“ ги применува најдобрите достапни техники и стандарди во индустријата, со цел дополнително намалување на влијанието врз животната средина. Дополнително на тоа, компанијата се придржува кон најдобрите меѓународни признаени практики и ESG- стандарди, покажувајќи јa долгорочната посветеност и одговорност кон заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и модерното корпоративно управување – се наведува во соопштението од „Титан Усје“. 

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ