Кога излегувате со автомобил од Македонија на границата по Богородица и го минувате Евзони, некогашно Мачуково (родното село на војводата Леонид Јанков), на десната страна од автопатот во Грција, пред вас се издига табла која дава насоки за споменикот посветен на Македонскиот фронт, обележје за воената линија која од Тракија, преку Беласица и сегашниот југоисток и југозапад на Македонија, се протегала до портите на Отрант, на Јонското и Јадранското Море. Должината на Фронтот изнесувала околу 600 километри, од кои воениот коридор Дојран – Битола – Охрид околу 220 километри.
Замислете ја сега географски воената линија на Фронтот во Македонија во Првата светска војна, во пресрет на 11 Ноември, Денот на помирувањето меѓу тогашните завојувани страни, Велика Британија, Франција, Русија, подоцна и САД од една, и Германија и Бугарија од друга страна. Судир во кој за четири години загинале над 20 милиони луѓе, за што за првпат се водела војна од светски размери. Бројот на македонските жртви, цивилни или насилно мобилизирани се проценува на околу 225 илјади, десетпати повеќе од бројот во Втората светска војна.
Зошто ја споредувам таблата кај Мачуково во Грција, со мобилизацијата на Македонците во Големата војна? По потпишувањето на Преспанскиот договор и промената на уставното име, грчките власти подигнаа нова, по онаа претходната на која пишуваше споменик од Првата светска војна. Сега е, повторувам, споменик на Македонскиот фронт. Со ова, Грција доби ексклузивност и на Македонскиот фронт, каде што загинале над половина милион луѓе од 1916 до 1918 година. Фронтовската линија била од исклучително значење за пробивот на силите на Антантата од југот на Европа и конечното повлекување на Централните сили од Балканот, најавувајќи го поразот на Германија, Бугарија, Австро-Унгарија во војната.
Колкаво е значењето на Денот на помирувањето, 11 Ноември, особено за победниците, Лондон, Париз, Москва, подоцна и Вашингтон, како и за Србија, Грција, Романија, од 1915-16 година и Италија? Веќе традиционално, на британските воени гробишта во кругот на црквата „Свети Архангел Михаил“ во скопска Автокоманда им се оддава почит на загинатите воини. Пред крајот на минатиот милениум, таму се поклони и тогашниот принц, а сега монарх, Чарлс Трети, придружен од министерот за одбрана, Ханџиски. Во поновото време, францускиот и германскиот амбасадор го одбележуваат помирувањето во 1918 одвоено од Британците, на германските гробишта во Прилеп или на француските во Битола. Од година в година наизменично. Одвоеноста на победниците и поразените има посебна симболика.
Генерално, Македонија била воениот полигон на судирот на тогашните големи сили, тоа е аргумент што не може да се побие. Но има и друг, поинаков, актуелен момент. Без историја, се разбира, нема ниту сегашност ниту иднина, но во земјава, во време кога привлекувањето на странските туристи е императив, таканаречениот воено-историски туризам нуди квалитетни можности. Каде и која би била целта? Кајмакчалан и битката по која била запалена Битола од бугарската војска се познати информации. Но со протегањето на фронтот, во мај 1916, се одвивала и Дојранската битка, не помалку значајна од битката на Ниџе планина. Во кругот на езерото, на сегашна грчка страна кај Дојрани, биле стационирани британските и француските војници, заедно со нив и грчките и српските. Кај последниве, многумина од мобилизираните биле Македонци кои се бореле под грчко или српско знаме. Бројот не е познат, архивите на соседите се недостапни за историчарите, или можеби никој од нашите историчари нема побарано ваква информација. Битката почнала со француското бомбардирање од воздух на Дојран проследено со британските топовски канонади. Германската и бугарската војска биле стационирани на ридот над Дојран во линија на македонската црква „Свети Илија“. На врвот од ридот бил и германскиот команден центар. Тлото до германската команда е избраздено од бетонски ровови, дело на германската воена машинерија, кои се групираат во командата. По три дена бомбардирање, француската војска наредува контингент од Мароканци, тогашна колонија на Франција да ги нападне централните сили. Добро утврдени, германските пушкомитралесци направиле пекол меѓу Мароканците, целиот рид поцрнел, така што жителите и денеска го нарекуваат местото Црн поток. Дојран е речиси целосно уништен во оваа битка, за која британските издавачи имаат испечатено и книга, „Дојранска битка 1916“. Жителите се засолниле во најцврстиот објект во тоа време, црквата „Свети Илија“, но по постојаното бомбардирање и жртви морале да се евакуираат кон селото Николич и натаму и кон Грција или Струмица. И денес на ѕидовите од црквата стојат немите сведоци, дупки од топовските гранати. Некогаш трет град по големина, по Битола и Охрид, Дојран никогаш не го повратил стариот сјај. Бугарите и Германците биле поразени, Грците во чест на победата на Антантата обезбедуваат локација во грчко Дојрани, и им ја припишуваат сопственоста на Британците, со што споменикот добива статус на екстериторијалност. Чест, но и политика, нема подобар адут од зацврстување на сојузништвото. Кралството тогаш подигнало британски воени гробишта, неколкупати поголеми од оние во Скопје, со обелиск посветен на победата.
Британската војска, на која имав можност да ѝ бидам некој вид домашен водич на почетокот на милениумов, организираше дводневен историски излет по боиштата на Дојран. Меѓу учесниците имаше германски, италијански, полски, норвешки офицери. Првиот ден, целта беше ридот кај Дојран, вториот, гробиштата во Дојрани. И авторот на овој текст имаше можност да им објасни на војниците на НАТО, поради гевгелиското потекло, дека неговиот дедо бил мобилизиран од Србите, неговиот брат од Бугарите. Браќата се гледале преку нишанот. Затоа, денот на помирувањето, за нас, Македонците, донесува и крај на братоубиствената војна.
Во Македонија, бројот на сличните примери е бескраен. Во близината на Валандово, на крстопатот кон Дојран, зад грчките воени гробишта, ирската влада има подигнато споменик со крст во чест на десеттата ирска регимента која се враќала од Босфорот во 1916 по поразот на Антантата кај Галиполе. Во близина на споменикот, влегле во бугарска и германска заседа во која загинале 316 Ирци. Некогашниот шеф на европската делегација во Македонија, Ерван Фуере, организираше посета на ирските контингенти во составот на КФОР. Тоа е локален, но и меѓународен воен туризам, локалната власт и населението имаа можност да ги угостат војниците и офицерите кои се запознаа со македонската историја, со земјата растргната меѓу војните и поделбите.
Затоа Денот на помирувањето може да биде значаен инструмент за секоја македонска власт во докажувањето пред меѓународната, поточно европската политичка јавност, колку македонското население, но и генерално, земјата, страдале поради воените судири на големците. Ноември, на пример, во Обединетото Кралство е во знакот Денот на помирувањето, односно на победата во Големата војна. Ако сте се прашале каков и кој е цветот што како симбол го носат на Островот, но и во земјите на Комонвелтот, тоа е Наталиевата рамонда, цвет што расте единствено на падините на Кајмакчалан и во македонските, речни клисури. Дури и фудбалерите на англиската Премиер лига ја носат стилизацијата на македонскиот цвет – феникс.
Со цветот феникс, со македонската рамонда, исто така, им посакувам најискрени честитки на колегите по повод роденденот на весникот ВЕЧЕР. Повеќе од шест десетлетија, ВЕЧЕР одигрува значајна улога во севкупниот живот во Македонија, како активен сведок и чинител на различни настани од политички, економски, културен, социјален, спортски карактер. Тоа е пишуван медиум, меѓу сè поретките во земјата, каде што за разлика од електронските медиуми, читателот може да се наврати на текстот за да ја дофати мислата на авторот.
Колеги од ВЕЧЕР, ви посакувам долготрајност во издаваштвото на весникот. Реномето и етичките вредности кои зрачат од страниците во македонската медиумска област се од непроценливо значење.
(Авторот е новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија)
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












