Шеесет и три години, шеесет и три родендени, 19.237 броја и стотици илјади страници испишани со времето. Ова е вистинското богатство, трајната вредност за која вреди да се зборува, да се потсетува и да се слави!
Приказната на весникот ВЕЧЕР започна во 1963 година, во едно од најтешките поглавја од поновата историја на Скопје. Во градот што сè уште ги лекуваше раните од катастрофалниот земјотрес и се обидуваше повторно да го пронајде својот ритам. Основан како орган на Градската организација на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Скопје, само 108 дена по големата трагедија, новиот вечерен весник, на 11.11., започна да ја бележи приказната на еден град што се издигнуваше од урнатините, но и на едно општество што гледаше кон иднината. Неговото раѓање беше дел од времето на обновата, а неговата мисија – да биде сведок на времето, глас на јавноста и хроничар на животот што продолжува.
Но, во овие 63 години, ВЕЧЕР не остана само сведок и хроничар. Тој е и чувар на македонскиот јазик, на националниот идентитет, на културното наследство и фолклорното богатство, на историската меморија и на идејата за македонската државност.
На неговите страници се запишани успесите и предизвиците, радостите и разочарувањата, луѓето и настаните што ја создаваа современата македонска приказна. Зашто весникот не е само хартија на која се бележат вести – тој е и сведоштво за нас, за тоа кои сме, од каде доаѓаме и што оставаме зад себе. За тоа сведочи и големата архивска збирка на сите броеви од првиот број, па сè до денешниот, грижливо архивирани како најскапоцено завештание кое останува за идните генерации.
Денес живееме во свет во кој веста патува побрзо од кога било. Еден клик е доволен информацијата да стигне до илјадници луѓе. Дигиталните платформи ја променија медиумската реалност, а вештачката интелигенција отвори сосема ново поглавје во начинот на кој се создаваат, обработуваат и се споделуваат информациите. Влеговме во ера во која технологијата може да понуди невидени можности, но и нови предизвици за вистината, автентичноста и довербата. Во морето од информации, непроверени тврдења, манипулирани содржини и наслови што траат колку еден миг, професионалното новинарство има уште поголема одговорност. Да ги провери фактите, да ја препознае суштината, да понуди контекст и да направи јасна разлика меѓу информацијата и манипулацијата.
Токму тука ја гледам силата на ВЕЧЕР. Нашата задача одамна не е само да го забележиме она што се случило денес, туку да објасниме зошто е тоа важно и какви последици може да има утре.
Технологијата, вклучително и вештачката интелигенција, може да биде моќна алатка во новинарската работа, но не може да ја замени човечката процена, професионалната одговорност и уредничкиот интегритет. Брзината е важна, но довербата се гради со проверени факти, знаење и одговорност. Затоа, свесни за денешницата и за променетите навики на читателите, ВЕЧЕР одамна ја прошири својата приказна и во дигиталниот простор. Нашиот портал vecer.press, со својот посветен тим, е современото лице на традиционалниот весник – место каде што информациите стигнуваат брзо, каде што секојдневно се отвораат нови теми и се следат настаните во чекор со времето. Тоа не е отстапување од традицијата, туку нејзино продолжување со нови средства, нови можности и нови генерации читатели.
Печатеното издание и дигиталниот портал имаат различна динамика, но иста новинарска обврска: точна, одговорна и професионална информација.
Но, зад роденденската гордост и зад вербата во иднината стои и едно сериозно прашање: каква иднина им подготвуваме на печатените медиуми? Не е тајна дека весниците секојдневно се соочуваат со променетите читателски навики, дигиталната конкуренција и зголемените трошоци за хартија, печатење и дистрибуција. Државните субвенции, кои покриваат значаен дел од трошоците за печатење, се важна поддршка за одржување на оваа дејност. Важен дел од економската основа на печатените медиуми беа и огласувањата од јавната администрација. Најавеното укинување на законската обврска за објавување огласи за вработување во печатените медиуми, од 1 јануари 2027 година, претставува сериозен удар врз и онака тешките услови во кои функционираат весниците. Тоа не се само огласи – тоа е и важна економска потпора што им овозможува на печатените медиуми да опстанат и да ја вршат својата јавна функција.Ова не е прашање само на ВЕЧЕР, ниту само на економската оправданост на еден весник. Ова е прашање на односот на институциите кон медиумската традиција, плурализмот и професионалното новинарство.
Дали дигитализацијата треба да значи и бришење на печатеното слово? Дали навистина сакаме да живееме во општество во кое информацијата ќе биде брза, но без доволно простор за проверка, анализа и трајно сведоштво? Дали сме свесни дека со исчезнувањето на печатените медиуми се губи и дел од нашата јавна и културна меморија?
Не бараме привилегии, ниту посебен третман. Бараме разумен и одговорен однос кон медиумите кои со децении ја вршат својата јавна функција. Институциите треба да ја препознаат вредноста на печатените медиуми и да размислуваат за последиците од законските решенија врз нивната иднина. Дигитализацијата не треба да значи бришење на традицијата. Новите и печатените медиуми треба да бидат дел од поширок медиумски систем во кој секој има своја улога, своја публика и свој придонес кон информираното општество.
Зашто кога ќе згасне еден весник, не исчезнуваат само хартијата и мастилото.
Исчезнуваат работни места, професионално искуство, редакциска традиција, дел од колективната меморија и еден глас во јавниот простор. Особено кога станува збор за весник со 63-годишна историја, тоа е загуба што не може да се надомести со уште еден интернет-портал. Дигиталното и печатеното можат и треба да постојат заедно, надополнувајќи се, а не исклучувајќи се.
Зад секој број на весникот и зад секоја објавена информација на порталот, стојат многу повеќе од текстови и фотографии. Стојат новинари, уредници, технички уредници и персонал, фоторепортери, членовите на тимот на vecer.press, директори, сопствениците на брендот ВЕЧЕР. Секој од својот домен, со својата работа, посветеност и поддршка, придонесува приказната на ВЕЧЕР да продолжи и секојдневно да стигнува до читателите. На сите нив им упатувам искрена благодарност за професионалноста, трпението, посветеноста и истрајноста.
Изминатата година имавме и многу убави заеднички моменти – прослави, родендени, пензионирања и дружења. Особено ме радува што голем дел од колегите, и по пензионирањето, остануваат дел од нашиот тим. Имаме и нови колеги кои донесоа нова енергија. Тоа говори дека ВЕЧЕР не е само работно место туку и припадност, заедништво и професионално семејство. Имињата се менуваат низ генерациите, но потписот на ВЕЧЕР останува.
Најголемата благодарност, сепак, им ја должиме на читателите. На оние што со години го купуваат ВЕЧЕР, што нè читаат, коментираат, поддржуваат, критикуваат и ни веруваат. На оние што ја чуваат навиката да го прелистаат весникот, но и на новите генерации што нè следат на vecer.press и на социјалните медиуми. Вашата доверба е нашата најголема обврска и мотив да продолжиме.
Шеесет и три години подоцна, ВЕЧЕР не се откажува. Не затоа што времето е лесно, туку затоа што веруваме во смислата на новинарството, во тежината на пишаниот збор и во луѓето што стојат зад секој отпечатен број и секоја објавена информација.
Времињата се менуваат, вестите се менуваат, технологиите се менуваат, но потребата од вистинита информација, одговорно новинарство и медиум што знае да ја препознае суштината на времето – останува.
ВЕЧЕР не е само весник што ја бележи историјата. Тој е дел од историјата што продолжува да се пишува.
Среќен 63. роденден, ВЕЧЕР!
Елизабета АРСОСКА
Главен и одговорен уредник












