среда, ноември 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Отворен музеј посветен на aрхиепископот Гаврил во манастирот во Радишани

Отворен музеј посветен на aрхиепископот Гаврил во манастирот во Радишани

1

Во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Радишани, свечено беше отворена музејска поставка посветена на животот и делото на блаженоупокоениот архиепископ охридски и македонски Гаврил, по повод 30-годишнината од неговото упокојување (1996–2026).

Настанот започна со панихида отслужена од Неговото Блаженство, архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан.

Во своето обраќање, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-ѓа Оливера Трајковска, ја истакна историската, духовната и националната вредност на музејската поставка, која преку личните предмети, писанијата и сведоштвата за животот на архиепископот Гаврил овозможува зачувување на споменот за една од најзначајните личности во поновата македонска црковна историја.

-Негувањето на духовното и културното наследство претставува важен придонес во зачувувањето и афирмацијата на македонскиот национален идентитет, кој и покрај сите предизвици продолжува да опстојува и да го зацврстува своето значење – нагласи Трајковска.

Таа изрази особена благодарност до протојереј-ставрофор проф. д-р Ацо Гиревски за неговата посветеност и вложениот труд во создавањето на музејската поставка, која претставува вистински бисер на македонскиот духовен идентитет.

Пред присутните се обрати и архиепископот г.г. Стефан, кој потсети на исклучителниот придонес на архиепископот Гаврил во црковниот, образовниот и културниот живот, особено на неговото најголемо животно дело – првиот целосен превод на Светото писмо (Библијата) на современ македонски јазик, објавен во 1990 година.

Во рамки на свеченоста беа доделени признанија на Неговото Блаженство г.г. Стефан, за придонесот во афирмацијата и промоцијата на духовното наследство на Македонија, и на протојереј-ставрофор проф. д-р Ацо Гиревски, за неговата истражувачка и библиографска дејност посветена на архиепископот Гаврил.

Новата музејска поставка претставува трајно сведоштво за духовното, просветителското и националното наследство на архиепископот Гаврил, овозможувајќи неговиот лик и дело да останат достапни и за идните поколенија.

Свеченоста беше организирана од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, во соработка со Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како дел од годишната програма на Собранието за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности.

ИЗДВОЕНИ