Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, во својот отчет за сработеното во изминатата година истакна дека Кавадарци продолжува да се развива со силно темпо, преку реализација на значајни капитални проекти во спортот, инфраструктурата, водоснабдувањето, образованието, социјалната заштита и животната средина
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, во својот отчет за сработеното во изминатата година истакна дека Кавадарци продолжува да се развива со силно темпо, преку реализација на значајни капитални проекти во спортот, инфраструктурата, водоснабдувањето, образованието, социјалната заштита и животната средина.
Како значајни тој ги спомена реконструкцијата на Градски базен во рамките на која беа обновени големиот и малиот базен, со нови водни атракции, детски содржини и современа инфраструктура. Станува збор за инвестиција од 1 милион евра преку Вториот јавен повик на Владата. Потоа, затворениот базен – современ објект со димензии 25 × 9 метри, наменет за учениците, спортистите и граѓаните. Инвестиција од 1,2 милиони евра од Министерство за спорт. Исто така и новиот СПА-центар на површина од 240 квадратни метри со современи содржини за релаксација и рекреација, инвестиција од 500.000 евра преку Вториот јавен повик на Владата.
Јанчев ги наброја и картинг центарот, новата спортско-рекреативна атракција на површина од 2.700 квадратни метри кој чини 36 милиони денари преку Вториот јавен повик на Влада на РМ, потоа новиот спортскиот центар „Јасмин“, со куглана, гимнастичка сала и сместувачки капацитети за спортисти, вреден 118 милиони денари преку Вториот јавен повик на Владата, како и новата спортска сала во Марена, со површина од 400 квадратни метри, инвестиција од 22 милиони денари.
Воедно, истакна дека продолжува и изградбата, како и реконструкцијата на улици, булевари и сообраќајни решенија, наведувајќи ја реконструкцијата на улицата „Задругарска“, целосното инфраструктурно уредување на улицата „Вељко Влаховиќ“, изградбата на нови краци на улица „Ѓорѓи Соколов“, кружниот тек на Северен булевар. Потоа, новиот мост Марена – Сопот, кејот на Луда Мара до Општата болница.
Градоначалникот спомена дека се направени и значајни инвестиции за поквалитетно и посигурно водоснабдување, за гасификација на Кавадарци. Потоа напомена и дека се изградени и Дневен центар за лица со телесна или ментална попреченост, со капацитет од 40 корисници, Дом за стари лица со планиран капацитет од 55 легла, но и нов Младински центар.
Исто така, наведе дека е обезбеден грант од 50.000 долари за изработка на техничка документација за изградба на велосипедска патека до Тиквешкото Езеро, како нова можност за развој на туризмот, рекреацијата и здравиот начин на живот.
– Секој реализиран и започнат проект е дел од нашата визија – Кавадарци да биде современ, функционален, зелен, спортски и економски развиен град, со еднакви можности за сите – изјави Јанчев.












