петок, октомври 30, 2026
Дома СКОПСКА Бутел доби своја зелена оаза

Бутел доби своја зелена оаза

2

Бутелчани добија своја зелена оаза. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костоски, денеска го пуштија во употреба новиот мегапарк „Бутелска оаза“, кој се простира на површина од 50.000 квадратни метри.

Како што истакна Ѓорѓиевски, станува збор за место што ќе им припаѓа на граѓаните, ќе зближува генерации и ќе создава спомени.

– На просторот каде што се планираше бетонизација, сега има огромна зелена површина, реквизити за најмладите, пешачки зони и фитнес-зони за рекреација. Место за првите детски чекори, за младите и нивното дружење, за семејни прошетки и за спокојни утра на нашите пензионери. Простор за сите генерации. Простор за секој граѓанин – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека за да трае и за да се развива зеленилото, целиот комплекс има сопствен систем за наводнување со техничка вода.

– Создаваме парк со услови за долгорочно одржување, за да уживаат во неговата убавина и генерациите што доаѓаат. Секое насадено дрво е влог за почист воздух. Секоја нова зелена површина е придонес за помалку урбана жештина, а ние, токму во овој парк, насадивме 650 дрвја и овој фонд ќе се зголемува – најави Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека секој нов парк е повеќе простор за здравје, рекреација и за поквалитетен живот, со порака дека треба да се чува.

 

ИЗДВОЕНИ